Од Министерството за здравство за МКД.мк велат дека „во моментов се завршуваат административните процедури за реализирање на донацијата“. Инаку, бугарските вакцини од производителот „Фајзер“ се со рок на траење до крајот на месецов, а кога бугарскиот Парламент ја ратификуваше одлуката за донација на Македонија, тамошниот министер за здравство на пратениците им кажа дека „изборот бил или вакцините да се фрлат зашто им истекува рокот на траење, или да се донираат“.
Од Министерството за здравство уверуваат дека вакцините ќе бидат аплицирани далеку пред истекувањето на рокот на важност.
„Од количината вакцини што ќе ја добиеме како донација, согласно точните проекции за потребите за ревакцина со вакцината на ‘Фајзер‘, како и големиот интерес за прва доза од овој производител, сите дози ќе бидат аплицирани далеку пред истекување на рокот на важност, односно во период од 5 до 7 дена од нивната дистрибуција на пунктовите“, ни изјавија од Министерството за здравство.
Неодамна кога беше најавена донацијата од Бугарија, македонското Министерство соопшти дека вакцините ќе бидат достапни на 14 септември на нашите пунктови што значи дека има повеќе од доволно време да се искористат и ниедна да не биде уништена. Образложението беше дека просекот на дневно аплицирани дози е околу 10.000 вакцини и најголем процент од нив се токму од производителот „Фајзер“.
Во Софија, вчера државниот здравствен инспектор, Ангел Кунчев изјави дека во Бугарија на 300-400 илјади дози вакцини за ковид-19 рокот им истекува на крајот на септември, а со оглед на бројката од 15-20 илјади вакцинации на ден, тие не можат да ги потрошат сите дози.
Инаку, Бугарија има најниска стапка на вакцинација против ковид-19 не само во ЕУ, туку во цела Европа, па одлучи да им донира вакцини на Македонија и на Бутан, а одредено количество ќе ѝ продаде на Норвешка. Според вчерашните официјални податоци, во Бугарија досега комплетно се вакцинирани 1.236.422 лица од вкупното население од над 6,9 милиони.
Инспекторот Кунчев вчера рече дека „дури и земји како Северна Македонија кои почнаа со вакцинација после Бугарија, сега имаат двојно повеќе имунизирани по жител“, додавајќи дека „ги имаат најдобрите вакцини во светот, дека има барања од жители од соседните земји да се вакцинираат во Бугарија, а бугарските граѓани не сакаат да се вакцинираат“.
Но, и покрај признанието дека Бугарија има помалку вакцинирани од Македонија, според број на жители, официјална Софија од 1 септември го затвори влезот за македонски граѓани, па до 30 ноември таму нема да може да се влезе ни со потврда за вакцинација, ниту пак со негативен ПЦР тест. Влезот во Бугарија за лица од Македонија е дозволен само за политичари и медицински лица, но со доказ за вакцинација. Од оваа одлука изземени се високи државни претставници, медицински лица, вработени во хуманитарни организации, лица кои бараат бугарско државјанство, граѓаните на земјите членки на ЕУ, сезонски земјоделски работници и работници во областа на туризмот.






