Сeкoj имa прaвo нa живoтeн стaндaрд штo нeму и нa нeгoвoтo сeмejствo ќe им oбeзбeди здрaвje и дoбрoбит, вклучувajќи xрaнa, oблeкa, живeaлиштe… Така барем вели членот 21 од Декларацијата за човекови права на Обединетите нации.
Но, кога станува збор за Балканот, односно за Македонија и за Србија, делот за правото на дом на граѓанинот е оставен на волјата на пазарните состојби и галопирачките цени на наемнините и на недвижностите.
Во состојби кога за кирии е потребно да се издвојат средства повисоки од просечните плати, а купувањето сопствен дом станува невозможна мисија пред цени што одат и над 3.000 евра за квадратен метар во Скопје или над 4.000 евра во Белград, неопходни се итни владини мерки и стратегии за заштита на граѓанинот. Такви државни стратегиски одредби и иницијативи сè уште нема доволно.
„Домувањето е многу повеќе од економско прашање, тоа е човеково право и директно влијае врз демографијата, социјалната стабилност и квалитетот на живот. Кога цените на становите и на кириите растат побрзо од приходите, особено младите луѓе се соочуваат со сериозни ограничувања во планирањето на сопствениот живот“, вели Маја Сталеска, претседателка на Организација за домување и станари – ОДС, од Скопје.
„Решивме да ја собереме целата заштеда, да подигнеме кредит и да купиме стан од 35 квадрати. Тоа е максимумот што можеме да си го дозволиме и покрај тоа што имаме солидни примања. Сепак, имаме две деца што веќе растат и се плашиме дека со ова растење на цените, воопшто не ќе можеме да обезбедиме некаков дом за нив во иднина. Скапо е, но колку повеќе чекаме, ќе биде уште поскапо“, вели ИТ-инженер од Скопје, кој не сакаше во целост да го открие својот идентитет, но ни откри дека купува стан во блокот нови згради зад магацините на некогашна „Славија“.
Во Охрид надминати 3.000 евра за квадратен метар
Но покрај главниот град, интересна е состојбата и во Охрид, кој по цените за недвижнини сериозно му се доближува на Центар. Стан во македонскиот најпопуларен туристички центар достигнал цена од 3.040 евра за квадратен метар. Гледано во просечни нето-плати, за да се купи стан по таа цена во Охрид од педесетина квадратни метри, на еден вработен ќе му бидат потребни 16 години и осум месеци работа, без да помисли да купи храна за себе или за семејството, доколку го има.
Сепак, тоа што зачудува во извештајот од Катастар се и регистрираните минимални цени за становите, кои се далеку пониски од реалните пазарни состојби. Така, во скопски Аеродром е забележана цена од 395 евра за квадратен метар, како и 451 евро во Центар. Овие „аномалии“ ја спуштаат просечната цена на вредности околу 1.300-1.400 евра, кои беа автентични пред повеќе од пет-шест години на македонскиот пазар.

Но, од Катастар има објаснување и за тие бројки. Тоа се, всушност, трансакции меѓу роднини или договорени странки што одат со минимални цени, како и купопродажби на т.н. државни или социјални станови, кои се откупуваат по пониски цени од пазарните.
Месечна кирија над 4.000 евра, но и од само шест евра
Традиционално, македонскиот граѓанин претпочита да има сопствен дом. Но, покачувањето на цените на недвижностите го менуваат тоа, па сè повеќе се размислува за изнајмување стан. Тоа го покажуваат и податоците од Катастарот.
Така, на територијата на целата држава во второто шестмесечје на 2025 година се регистрирани вкупно 5.237 закупи, што претставува раст од 14 % (или 650 закупи повеќе) во споредба со истиот период од 2024 година. Најголем дел од овој пазар го држат становите, кои учествуваат со 41 % (или 2.156 закупи) од вкупниот број изнајмени недвижности.








