сабота, 18 април 2026

Николовски од СДСМ најавува интерпелација за министерот за земјоделство, Трипуновски реплицира – „безначајна закана како твојата заплена на 30 килограми путер“

Веќе две години земјоделците се жртви на неспособните и криминални политики на министерството и на актуелниот министер. Наместо политики за развој на земјоделството, наместо повисоки субвенции, наместо да се креираат нови мерки за поддршка, наместо да се креираат нови програми, како што сето тоа го правевме претходно, во овие две години Трипуновски го доведе земјоделството до колапс – од незнаење, неспособност, злоба и со закани и притисоци, се вели во соопштението на СДСМ од денешната прес-конференција на Љупчо Николовски, пратеник на СДСМ.

Објавено на

часот

Сподели

„Се кратеше на сите страни, од сите програми и од сите мерки. Не само што се кратеше, туку цели мерки и програми за земјоделците се укинати или суспендирани.

ВМРО и Трипуновски го претворија министерството во своја приватна фирма за бизнис и партиски интереси, за доделување песок и сè она што ним им е битно. За две години не видовме ниту една развојна мерка, но затоа видовме куп криминални скандали под раководство на министерот – сето тоа врз грбот на земјоделците.

Долга е листата на факти, докази и аргументи за комплетно неодговорното и криминално функционирање во овој период. Наша обврска е да направиме сè тоа да престане и земјоделците да бидат заштитени.

Затоа пратеничката група на СДСМ, сите пратеници и коалицијата се потпишаа на интерпелација за работата на министерот Трипуновски. Покрај барањата на синдикатите, здруженијата и економско-социјалните партнери, кои јасно и гласно бараат оставка, денеска ова е и наша граѓанска обврска и должност како пратеници да иницираме постапка за интерпелација, да се изнесат сите факти и аргументи и да направиме сè овој министер да си замине“, најави пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.

Тој наведува дека интерпелацијата ја поднесуваат поради сериозни, континуирани и веќе процесирани случаи на системска корупција, злоупотреба на службената положба, кршење на законите и обврските на министерот дефинирани во законите, како и сериозно нарушување на функционирањето на Министерството за земјоделство и институциите во ресорот што го води.

„Прва и главна причина е корупцијата и скандалите. Најблиските соработници на министерот – директорот на Платежната агенција и директорот на Инспекторатот за земјоделство – беа фатени со ‘рацете во медот’, со 50.000 и 100.000 евра мито. Токму Инспекторатот, кој на предлог на оваа Влада беше ставен директно под капата на министерството, за министерот да има поголема контрола.

Ова не се изолирани случаи, туку јасен доказ за воспоставен систем на корупција. Затоа одговорност мора да има и веднаш мора да си замине овој министер, затоа што нема ниту кредибилитет, ниту авторитет, ниту право да ја води оваа институција со притворени и уапсени негови најблиски соработници.

Мегакоруптивниот скандал со европските фондови предизвика најголем срам и бламажа на ниво на Европската Унија. Од најуспешна земја во искористеност на европските средства, особено во земјоделството, станавме земја со суспендирани 128 милиони евра од ИПАРД. Прво лажеше дека нема да има последици, па се обидуваше да ги сокрие одлуките на Европската комисија. Денес, со месеци, земјоделците немаат пристап до европските фондови“, “, ги наведува Николовски причините за интерпелацијата.

Тој смета дека катастрофалните политики и кратењето на поддршката за земјоделците се потврдени со факти.

„Минатата година, за првпат во историјата, со ребаланс се скрати буџетот за земјоделците. Наместо зголемување, имаше кратење. Се намалија субвенциите за тутунот од 100 на 80 денари, за сточарството од 12.000 на 8.000 денари по крава, како и за пченицата, оризот и речиси сите култури. Затоа што Владата нема пари, а министерот нема капацитет да се избори за земјоделците.

Истовремено, единствената мерка е насочена кон големите компании. Лимитот на субвенции од 300.000 евра се зголеми на 1 милион евра – за неколку големи фирми, додека малите земјоделци остануваат без поддршка.

Трипуновски ја укина авансната исплата на субвенции – мерка што ја користеа 60.000 земјоделци. Ги укина програмите за мали производители и реформата за продажба од куќен праг, преку која беа регистрирани над 4.000 оператори.

Колапс доживеа и програмата за рурален развој – преполовена од над 20 на околу 10 милиони евра. Ниту еден трактор не е доделен во овие две години. Се укинуваат јавни повици, 2.500 земјоделци остануваат без поддршка. Нема напредок во капиталните проекти, во наводнувањето, во откупните центри. Дури и готовите проекти не се ставаат во функција. Се кршат закони. Не се објавуваат производни цени, иако тоа е законска обврска. Министерството функционира со мобинг, притисоци и деградација на професионалците. Резултатот е катастрофален. Земјоделците се оставени сами. Цените се под производствените трошоци.

Пченицата, млекото, оризот, зелката, пиперката – сите се со загуба. Во време кога другите држави воведуваат нови мерки, кај нас имаме укинати програми, намалени субвенции и суспендирани европски средства. Дополнително, реформите во шумарството се стопирани, а шумскиот фонд е деградиран. Наместо развој – колапс. Наместо поддршка – грабеж. Овој министер нема капацитет, нема легитимитет и нема право да ја води оваа институција. СДСМ ќе бара политичка, а потоа и кривична одговорност за секоја штета, за секоја кражба и за секој криминал“, нагласува Николовски, наведувајќи повеќе причини за интерпелацијата на СДСМ за актуелниот министер за земјоделство.

На прес-конференцијата на СДСМ за негова интерпелација, реплицираше самиот министер Трипуновски на социјалните мрежи.

„Љупчо Николовски се јави, навистина се јави. Кој за што, Љупчо за мене!“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од објавата на Фејсбук на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

„Нејсе, да му одговорам. Политички не постоиш, а партија во која си само обичен инвентар, полека ја снемува. Рејтингот ви паѓа толку ниско. што го пробивте секое дно! Интерпелацијата за мене што си ја поднел е толку нелегитимна, како што ти си нелегитимен во СДС. Интерпелацијата ќе биде исто толку неуспешна како твојот мандат како министер за земјоделство и како антикорупционер! Толку безначајна како што беше безначајна и твојата заплена на ДУРИ 30 килограми путер“, реплицира министерот Трипуновски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ