Мицкоски нагласи дека возилата се подготвуваат во моментов и како што рече, многу скоро ќе биде изведена показна вежба за тоа како „од ништо е направено нешто“. Вели старите возила се модернизирани и на нив се инсталирани посебни резервоари за вода со различен волумен до шест тони.
„Дел од застарената и магационирана опрема, како што се БТФ70/80, старите хермалини и слично, кои што беа во магацините на Министерството за одбрана и МВР се модернизираа и обработија, им се инсталираа посебни резервоари за вода, се купија пумпи кои што работат на висок притисок и можат да пристапуваат на непристапни терени. Она што ни беше многу важно навечер кога, како што велат стручно, оганот спие да може да му пристапиме и угасиме за да не се распламти преку денот. Возилата се подготвуваат и многу скоро денеска ќе бидете сведоци на показна вежба, како од ништо направивме нешто. Очекувам 50-60 вакви возила да бидат подготвени со различно инсталиран волумен на вода до шест тона, така што очекувам да ги пречекаме пожарите подготвени“, рече Мицкоски.
Оцени дека државата е далеку поподготвена да се справи со летните шумски пожари за разлика од изминатите години, посочувајќи ги хеликоптерите на Армијата и Министерството за внатрешни работи, како и Ер тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување.
„Секаде за време на летниот период се случуваат пожари, но за разлика од изминатите години, оваа година сме многу поподготвени, пред сѐ тука мислам на армиските и полициските хеликоптери, авионите на Дирекцијата за заштита и спасување, два нив се тука го чекаме и третиот да пристигне, популарно наречените Ер трактори“, рече Мицкоски.
За тоа колкава сума пари е одвоена за оваа пренамена на возилата, премиерот рече „многу малку и тоа е пред сѐ е работа завршена на волонтеристичка база и општествено одговорни компании, Буџетот не го чини воопшто“.