Во своето обраќање, информираат од Министерството за надоврешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ), Муцунски истакна дека поврзаноста денес претставува клучен елемент за економската отпорност, регионалната стабилност и одржливиот развој, особено во услови на зголемена геополитичка неизвесност и трансформација на глобалните синџири на снабдување. Тој нагласи дека Република Македонија, како држава со стратешка позиција на крстопатот меѓу Европа и поширокиот евроазиски простор, има активна улога во унапредувањето на регионалната инфраструктурна и транспортна поврзаност.
Посебен акцент беше ставен на значењето на коридорот 8, како еден од клучните источно-западни правци што ја поврзуваат Јадранската и Црноморската област. Министерот нагласи дека неговата целосна доизградба и функционално поврзување со соседните земји претставува стратешки приоритет, при што беше истакната и важноста на железничкото поврзување со Република Бугарија како дел од европските транспортни мрежи.

Во контекст на новите глобални иницијативи за диверзификација на транспортните и трговските рути, министерот се осврна и на коридорот 10, нагласувајќи ја улогата на Македонија во европските иницијативи за поврзаност, вклучително и напорите на Европската Унија за развој на одржлива инфраструктура што ги поврзува Западен Балкан, Источна Европа и поширокиот евроазиски простор.
Дополнително, беше истакната подготвеноста на земјата активно да учествува во мултилатерални формати на соработка за надминување на техничките, регулаторните и финансиските бариери. Во таа насока, беше потенцирана важноста од засилена координација меѓу владите, меѓународните финансиски институции и приватниот сектор.
„Учеството на министерот Муцунски на овој панел ја потврди определбата на Република Македонија за активна регионална соработка, промоција на инфраструктурни проекти со додадена вредност и придонес кон стабилна, безбедна и економски поврзана Европа“, велат од МНРиНТ.






