На панелот претставници на институции, училишта, граѓански организации и ученици дискутирале за потребата од системски и интегриран пристап за создавање побезбедни училишта.
Проектот досега опфатил повеќе од 8.000 ученици преку поддршка на активности на ученичките организации, превенција од насилство врз децата и интеркултурно образование. Во рамки на проектот, 50 основни и средни училишта развиле политики и механизми за заштита на деца, кои веќе активно се применуваат во пракса. Повеќе од 1300 наставници и стручни соработници биле вклучени во обуки и работилници за препознавање и справување со насилство, додека над 2.000 родители биле опфатени преку активности за подигнување на свеста за нивната улога во заштитата на децата.
-Проектот придонесе и кон интегрирање на темите за заштита на децата, ненасилна комуникација и безбедна училишна средина преку развивање на Наставен Модул во високото образование. Педагошките факултети во Штип, Тетово и Битола веќе го применуваат наставниот модул во наставата. Искуствата од терен покажуваат дека училиштата кои воспоставиле функционални тимови за заштита, појасни процедури за реакција и активно ученичко учество, бележат зголемена доверба кај учениците и поголема подготвеност за пријавување и навремено реагирање при насилство. Организаторите порачаа дека создавањето безбедни училишта не е одговорност само на училиштата, туку заедничка обврска на институциите, родителите, наставниците, граѓанскиот сектор и самите ученици – се наведува во соопштението.

„Според анализите и состојбите на терен, насилството во различни форми како физичко, психичко, вербално и сѐ почесто дигитално е присутно во речиси сите училишта во Македонија. И покрај постоечките политики и механизми, превенцијата е слаба, а реакциите доаѓаат доцна, често по низа сериозни инциденти. Префрлањето на вина меѓу училиштата, наставниците, стручните служби и родителите, отсуството на соработка и недостигот на емпатија кај младите поттикнати од прекумерна употреба на насилни содржини на интернет и општествена отуѓеност ја влошуваат состојбата. Насилството не може да се припише само на една страна. Секој чинител како училишта, наставници, стручни служби, родители и ученици има незаменлива одговорност. Само преку вистинска соработка, превенција, навремена интервенција и личен пример на возрасните можеме да создадеме безбедна, емпатична и одговорна училишна средина. Децата најмногу учат од нашите постапки, а не од зборовите“, изјавил Драги Змијанац, претседател на Првата детска амбасада Меѓаши.
Зоран Илиески, извршниот директор на Коалиција СЕГА потенцирал дека тешките случаи на врсничко насилство кои изминатите недели ја вознемирија јавноста се потсетник дека безбедноста на децата во училиштата не може да биде „не смее да биде ад-хок реакција“.
„Таа мора да биде системски, секојдневен и превентивен процес. Токму тоа го градиме три години во 50 училишта преку пристап кој ги обединува наставниците, стручните соработници, родителите и пред сè самите ученици во една заедничка култура на ненасилна комуникација, рана детекција и активно ученичко учество. Денеска дискутираме за конкретен, валидиран и спремен модел кој, во соработка со образовните институции, може да биде проширен на сите училишта во земјата. Бидејќи ниту едно дете не смее да чека да се случи инцидент за да биде заштитено “, нагласил тој.
На конференцијата учествувала Елена Ивановска, државен секретар во Министерството за образование и наука која посочила дека во земјава е воспоставен механизам за пријавување на случаи на врсничко насилство и по секоја пријава е постапено од страна на институциите, но и дека е потребен поголем ангажман од целото општество, а особено од семејствата на учениците, бидејќи тоа е средината каде воспитанието има најголем ефект и се стекнуваат основните вредности, кои понатаму во училиштето се надградуваат.
“Случаи на насилство меѓу ученици можат да се пријават директно во МОН, за што е отворена посебна електронска адреса – [email protected], во Државниот просветен инспекторат и секако – директно во училиштето кај наставник, педагог, психолог и директор, а тие согласно подзаконски акт имаат должност да достават информација до нас, за да се вклучи и Педагошката служба и во посложени ситуации – Министерството за внатрешни работи и центрите за социјални работи“, изјавила Ивановска, додавајќи дека во тековната учебна година се пристигнати 41 пријава.
Таа потенцирала дека механизмот за справување со врсничко насилство може да се подобри и Министерството веќе делува во таа насока.
„Искуствата од проектот покажаа дека кога учениците се активно вклучени, кога постои доверба и кога училиштето има функционални механизми за заштита, насилството полесно се препознава и многу порано се спречува ескалација. Безбедно училиште не значи училиште без проблеми, туку училиште што знае како да реагира. Особено важно е што учениците не се само корисници на активностите, туку дел од решението. Кога младите иницираат ученички акции, отвораат теми како сајбер-насилството и ги охрабруваат своите врсници да побараат поддршка, тогаш веќе не зборуваме само за превенција, туку за создавање генерација која активно придонесува кон побезбедно и поодговорно општество. Следниот чекор е овие искуства од терен да се претворат во одржлив системски модел кој ќе стане дел од начинот на функционирање на училиштата“, изјавил Томислав Гајтаноски, тим лидер на проектот од Коалицијата на младински организации СЕГА.
За време на настанот бил прикажан видео материјал од сведоштва на учесниците од проектот потенцирајќи ги придобивките од добиената поддршка.
Проектот е во согласност со приоритетите на Националната стратегија за образование 2026–2032, особено во полето на добросостојба, ментално здравје, социјална инклузија и демократско учество на учениците.
-Проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ се спроведува од страна на Коалицијата на младински организации СЕГА во партнерство со Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, Македонскиот центар за граѓанско образование и СМАРТ АП – Лабораторија за социјални иновации. Овој проект е возможен благодарение на стратешкото партнерство со Детската Фондација Песталоци, која обезбедува не само финансиска поддршка, туку и стратегиско водство и поддршка во управувањето со проекти, и исто така го поддржува развојот на организациските капацитети на нашата организација.






