Љутков, како што информираат од Министерството за култура и туризам, истакнал дека оваа значајна културна манифестација е потврда дека културата е најмоќниот јазик за поврзување, почит и соработка меѓу народите.
„Вечерва, музиката го презема зборот. Овде, во култниот ’Бозар‘, Националниот џез-оркестар донесува звук што произлегува од традицијата, а се претопува во современа и слободна форма. Тоа е жив доказ дека македонската култура не само што трае, туку и се развива, создава и комуницира со светот“, потенцирал Љутков.
Тој се осврнал и на богатата програма на „Деновите на македонската култура“, која содржеше повеќе настани, како: изведбата на „Лебедово езеро“ од Националната опера и балет во Антверпен, проекцијата на филмот „Исцелител“ во Брисел, како и претстојната изложба на теракотните икони од „Виничко Кале“ во Европскиот парламент.

Министерот нагласил дека поддршката на Министерството за култура и туризам за ваквите настани е израз на стратешка определба за промоција на македонската култура надвор од границите на државата, како и за зајакнување на културната дипломатија.
Во своето обраќање, министерот Љутков се осврнал и на значењето на македонскиот јазик, имајќи предвид дека во земјава вчера се одбележа Денот на македонскиот јазик.
„Македонскиот јазик не се мери со бројот на говорници, туку со длабочината на љубовта што ја носи во себе. Тој е јазик на истрајноста, на културната меморија и на идентитетот. Наша обврска е да го чуваме, да го негуваме и да го пренесуваме како најголемо духовно богатство“, порачал Љутков.






