петок, 10 јули 2026

Левица: Цените на становите во Скопје растат, институциите не ги штитат граѓаните

Левица обвини дека продолжува растот на цените на становите во Скопје, оценувајќи дека институциите не преземаат мерки за заштита на граѓаните и за стабилизирање на пазарот на недвижности.

Објавено на

часот

Сподели

Во партиското соопштение се повикуваат на најновите податоци на Народната банка, според кои цените на становите во Скопје во вториот квартал од годинава пораснале за 13,3 проценти на годишно ниво. Од Левица тврдат дека станува збор за продолжување на, како што наведуваат, „вештачкото пумпање“ на цените.

Од партијата посочуваат дека растот на цените се случува во услови кога, според нив, македонските работници имаат најниски плати во Европа, поради што сѐ потешко можат да си дозволат сопствен дом. Дополнително, велат дека континуираниот пад на индустриското и земјоделското производство, во комбинација со високите цени на недвижностите, ги доведува граѓаните во сѐ потешка економска состојба.

Во соопштението се изнесуваат и обвинувања дека лица на клучни позиции во институциите имаат блиски врски со големиот градежен бизнис, поради што, според Левица, се овозможуваат коруптивни договори, манипулации со деталните урбанистички планови и одржување монопол на пазарот на недвижности.

Како решение, Левица предлага Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор да започне со масовна изградба на станови, со цел државата активно да влијае врз пазарот и да придонесе за намалување на цените.

Партијата, исто така, бара Обвинителството, Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и градежните инспекторати да спроведат засилени контроли, особено во делот на потеклото на средствата во градежниот сектор, како и да се справат со корупцијата и, како што наведуваат, неконтролираното урбанистичко дивеење.

Од Левица оценуваат дека актуелната состојба ги принудува граѓаните да останат под кирија или да се иселат од Македонија, порачувајќи дека државата треба поактивно да интервенира на пазарот на недвижности за да се обезбеди подостапно домување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ