Во рамки на проектот ќе бидат реализирани две национални кампањи насочени кон информирање и едукација на јавноста за сексуалното вознемирување и начините за заштита од оваа форма на дискриминација.
Првата кампања, под мотото „Што е сексуално вознемирување?“, има цел да ја зголеми свеста за препознавање на различните форми на сексуално вознемирување, како и да ги информира граѓаните за постојните правни и институционални механизми за заштита.
Втората кампања, „Што да направите ако доживеете или сведочите сексуално вознемирување?“, ќе понуди практични информации за постапување во случаи кога некој е жртва или сведок на сексуално вознемирување. Целта е да се поттикне нулта толеранција кон ваквото однесување, да се охрабрат жртвите и сведоците да реагираат и да се запознаат со можностите за пријавување и заштита.
Во текот на кампањите ќе бидат објавувани информативни текстови, видеоматеријали, графички содржини и други едукативни материјали преку веб-страницата на Комисијата, социјалните мрежи и националните медиуми.
Од Комисијата посочуваат дека целта на проектот е создавање побезбедни работни средини, унапредување на превенцијата и зголемување на свеста за сексуалното вознемирување, како и поттикнување на користењето на постојните механизми за заштита. Воедно, упатуваат повик до граѓаните, институциите, работодавачите, синдикатите, медиумите и граѓанските организации активно да се вклучат во кампањата и заеднички да придонесат за работна средина во која ќе се почитуваат достоинството, еднаквоста и безбедноста на секој работник.






