Во образложението, пратениците беа информирани дека продолжувањето на кризата е условено од неповолната меѓународна безбедносна и енергетска состојба, по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и сериозните нарушувања во транспортот на сурова нафта, особено преку Ормуската Теснина, кој е еден од клучните светски енергетски коридори.
Според проценките на надлежните институции, по нападите извршени кон крајот на февруари годинава и последователното блокирање на поморските патишта, протокот на нафта низ Ормуската Теснина значително е намален, што создава ризик од глобален недостиг и зголемување на цените, со директни последици и врз домашниот пазар.
Владата, веќе презема низа мерки за ублажување на последиците од кризната состојба, меѓу кои намалување на данокот на додадена вредност за енергентите и намалување на акцизите за дизелот и безоловните бензини, со цел заштита на стандардот на граѓаните и обезбедување стабилно снабдување.
Предлогот за продолжување на кризната состојба беше усогласен со заклучоците на Групата за процена на ризици и опасности и на Управувачкиот комитет за координација и управување со Системот за управување со кризи, кои оценија дека причините за нејзиното прогласување сѐ уште не се надминати.
Со денешното гласање, Собранието ѝ даде овластување на Владата и на надлежните институции и во наредниот период да продолжат со координирано управување со состојбата и со примена на мерки за обезбедување сигурно снабдување со енергенси.






