вторник, 2 јуни 2026

Кошта: Уставни измени и ништо повеќе од тоа. Мицкоски: Бараме принципи и кредибилен и предвидлив процес

Проширувањето е наша заедничка цел, а иднината на  Македонија цврсто припаѓа во Европската Унија, порача попладнево претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Христијан Мицкоски. Премиерот Мицкоски го повтори ставот дека Македонија останува цврсто определена кон европскиот пат и дека не бара привилегии, олеснети правила или нешто што не им припаѓа и на другите, туку принципи, кредибилен и предвидлив процес. Земјава, нагласи Мицкоски, бара процес во кој реформите, трудот, заслугите и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани.

Објавено на

часот

Сподели

„Вашата Влада покажа посветеност и сакам да ги пофалам континуираните напори што ги вложувате. Особено би сакал да го истакнам неодамнешниот опиплив напредок во спроведувањето на реформската агенда кон усвојувањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација, што е значајно за пристапниот пат на Северна Македонија, но и за искористување на Планот за раст и пристапувањето. Исто така го поздравувам вашето целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија“, рече Кошта.

Тоа, како што нагласи, испраќа силен сигнал за стратешката ориентација на Македонија и за заедничките вредности што ги споделуваме.

„Но, усвојувањето на договорените уставни измени останува единствен начин за формално почнување на пристапните преговори. Тоа е единствениот начин за отклучување на целосните придобивки од членството во ЕУ за граѓаните на Северна Македонија, тоа значи Македонците. Единствен начин да се постигне напредок кон европската интеграција е преку конструктивен дијалог со соседите и преземање прагматични чекори за градење доверба и спроведување на неопходните реформи“, изјави Кошта.

Премиерот Мицкоски го повтори ставот дека Македонија бара исполнетите обврски да бидат вистински вреднувани. Според него, Владата во изминатиот период работеше посветено на реформската агенда и така ќе продолжи. Со Кошта, информира, разговарале за европската иднина, состојбите во регионот, реформите, економијата, владеењето на правото и институционалната трансформација.

„Разговаравме и за едно многу подлабоко прашање: дали европската идеја и понатаму останува идеја што инспирира, обединува и создава доверба? Нашата позиција е јасна. Остануваме цврсто определени кон европскиот пат. Не бараме привилегии, не бараме олеснети правила, не бараме нешто што не им припаѓа и на другите. Бараме принципи и нормално, кредибилен и предвидлив процес. Бараме процес во кој реформите, трудот, заслугите и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани. Во изминатиот период работиме посветено на реформската агенда, на јакнење на институциите, на стабилизирање на економијата, на привлекување инвестиции, на подобрување на јавните услуги и на создавање систем што ќе биде поефикасен, поправеден и поблиску до граѓаните. Но, исто така денес отворено разговаравме и за реалноста што ја чувствуваат нашите граѓани. После години чекање, компромиси, очекувања, исполнети барања и чести промени на политичкиот контекст, природно е во одредена смисла да чувствуваат поголема неизвесност, а од друга страна, потребна е поголема извесност. Токму затоа, денес е потребно лидерство. Потребна е јасност, потребна е доверба. Европа била најсилна тогаш кога покажувала визија, политичка храброст и доследност кон сопствените вредности, кога била простор на можности, правда и предвидливост“, потенцира премиерот.

На средбата станало збор и за економската интеграција, инфраструктурното поврзување, енергетската сигурност, инвестициите, конкурентноста и за отварање нови перспективи за младите генерации.

Претседателот на Европскиот совет од вчера е во посета на Западен Балкан на средби со лидерите од регионот и да биде копретседавач на самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, на 5 јуни.
Кошта ќе разговара за можностите и предизвиците во врска со проширувањето, постепената интеграција, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста.

„Во отворен и конструктивен разговор ја потврдивме заедничката заложба за унапредување на реформските процеси, зајакнување на демократските институции и за забрзување на европската интеграција. Истакнав дека граѓаните очекуваат конкретен напредок на европскиот пат, а поддршката и партнерството од Европската Унија се од особено значење за остварување на тие цели“, објави Мицкоски на својот фејсбук-профил.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ