сабота, 8 ноември 2025
Локални избори 2025

Вреди: Време е Ахмети да се пензионира

Граѓаните проговорија јасно, со слободен глас и со чиста совест тие ставија крај на ерата на една измама и го отворија патот за една нова чесна, одговорна политика, блиска до граѓаните. Во повеќето општини во земјата, првичните резултати покажуваат широка поддршка на визијата на Вреди за работа, развој и одговорност, рече вечерва на прес конфернеција портпаролот на изборниот штаб на Вреди, Дритон Сулејмани.

Објавено на

часот

Сподели

„Албанците правилно ја прочитаа нашата посветеност и со својот глас дадоа јасна порака дека повеќе не веруваат во старите приказни на политиката кога живеаја во страв и измама. Со месеци, Али Ахмети, Арбен Таравари, Зијадин Села се обидуваа да ги држат Албанците како заложници, со нивниот трик на референдумот кој им служеше за политички опстанок. Тие се обидоа стравот да го претворат во кауза, измамата во патриотизам, а паниката во политика, но Албанците не беа измамени и го отфрлија овој наратив бидејќи го гледаа овој наратив веќе 23 години по ред. Албанците повеќе не веруваат во стравот како политичка алатка. Тие добро го познаваат ова сценарио. Го видоа многу пати и сега го отфрлија“, рече Сулејмани.

Според првичните резултати кои ги сподели Сулејмани, Вреди во првиот круг прогласи победи во општините, Чаир, Сарај, Боговиње, Теарце, Желино и Арачиново. Во вториот круг со предност влегуваат во општините Дебар, Брвеница, Долнени како и независниот кандидат за градоначалник на Струга, Менди Ќура, а поддржан од Вреди.

Сулејмани им се заблагодари на граѓаните и кажа дека ова не е победа на поединци туку е нивна победа.

„Ова не е победа на поединци, ова е ваша победа, победа на луѓето кои го избра достоинството пред стравот, работата пред зборовите и надежта пред измамата. Ние во Вреди ја разбираме оваа порака како обврска, одговорност што ќе ја носиме со чесност. Промената што започна пред една година вечерва го доби вашиот печат и од утре ќе продолжи уште посилна, пофер и поблиску до луѓето“, порача Сулејмани.

Изет Меџити oд коалицијата Вреди претходно упати и директен повик за оставка до лидерот на ДУИ, Али Ахмети, оценувајќи дека „гласот на Албанците го испратил во политичка пензија“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ