Имено, вчера на митингот за локалните избори на опозициска Национална алијанса за интеграција, присутните можеле да го видат Али Ахмети во две изданија: едниот во цивилна облека како им упатува предизборни пораки, а „другиот Али Ахмети“, во воена униформа на некогашен „врховен командант на УЧК“ го носеше дрон со транспарент, кој го надлетуваше во тие мигови градскиот плоштад во Тетово. „Орлите летаат високо во синото небо!“, беше напишано на транспарентот, кој го носеше дронот со „командантската фотографија“ на Ахмети.
По митингот , Али Ахмети соопшти на својот фејсбук-профил дека денеска ќе учествува на протестот во Тирана во знак на „поддршка на поранешните водачи на УЧК на Косово“, кои се во притвор во Хаг.
Според албанските медиуми, на собирот ќе учествуваат „граѓани од сите албански територии“, претставници на граѓанското општество и познати политички личности од Албанија, Косово, Македонија и пошироко. Овој протест е трет по ред, по оние што се одржаа во Приштина и Хаг во близина на Специјалниот суд.
Во Хаг од 3 април 2023 година се одвива процесот против поранешните водачи на УЧК, Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, кои ги негираа сите обвинувања за воени злосторства и злосторства против човештвото. Самиот Ахмети беше повикан од Специјалниот суд да даде изјава во процесот против поранешните водачи на ОНА од Косово.
Во Македонија, пак се „замрзнати“ четири тн. хашки случаи за злосторства на ОНА против човештвото од 2001 година. Со автентичното толкување на Законот за амнестија запрена е постапката за четирите хашки случаи: „Водство на ОНА“, „Липковско Езеро“, „Гробницата Непроштено“ и „Мавровски работници“. Овие случаи, Судот во Хаг ги врати за процесирање во македонското правсудство. Иако постапката е запрена, тоа се злосторства против човештвото, кои никогаш не застаруваат и секогаш можат да бидат активирани и процесирани.






