Од Обвинителството не откриваат детали за тоа кои истражни дејствија се преземени досегаи дали Груби дал исказ, но посочуваат дека постапката се одвива согласно законските рокови.
За Груби во текот на истрагата е определена мерка за обезбедување присуство – куќен притвор со надзор. Според Законот за кривичната постапка, односно член 302 став (2), истражната постапка има рокови во кои треба да биде завршена.
Доколку истрагата не биде завршена во рок од шест месеци од денот на донесувањето на наредбата за спроведување истражна постапка, јавниот обвинител е должен да го извести вишиот јавен обвинител.
Кај сложени предмети, вишиот јавен обвинител може да го продолжи рокот за уште шест месеци, а по исклучок може да има и дополнително продолжување од уште три месеци од страна на јавниот обвинител на Република Македонија.
Според официјалните податоци, истрагата против Груби е отворена на 16 декември 2024 година. Во меѓувреме, тој одреден период беше недостапен за македонските институции, откако ја напушти државата и побегна во Косово.
МВР во декември 2024 соопшти дека е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба против полицискиот службеник со иницијали Б.Ј, кој всушност го дозволил излезот на поранешниот вицепремиер Артан Груби на граничниот премин „Блаце“ кон Косово. Полицискиот службеник Б.Ј. не извршил адекватни проверки за „мерцедесот“ при премин на државната граница, не го евидентирал за остварување излез и патниците од возилото ги завел дека пеш ја поминале границата.
Исто така, при граничната проверка не почекал системот да утврди дали за лицата има активна мерка, туку веднаш им ги дал патните исправи, по што тие го напуштиле граничниот премин.
Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески во мај годинава изјави дека Груби сè уште нема дадено исказ во Обвинителството во рамки на истрагата за случајот „Лотарија“.
Дали во меѓувреме работите се промениле и дали Груби дал исказ, од Обвинителството не соопштуваат. По повеќе од 14 месеци недостапност, во февруари годинава Артан Груби беше уапсен на граничниот премин Блаце.
Како што тогаш соопшти Министерството за внатрешни работи, Груби бил уапсен во 06:10 часот при влез во државата.
Артан Груби (48) беше баран со меѓународна потерница, откако во декември 2024 година ја напушти државата по отворањето на истрагата за сомневања за проневера на 8,2 милиони евра од Државна лотарија. Обвинителството побара притвор за Груби поради сомнение за сторено кривично дело „Проневера во службата“ од член 354 од Кривичниот законик.
Во својата објава на социјалната мрежа Фејсбук на 15 декември 2024 година, Груби наведе дека е во приватна посета и дека ќе се врати во земјата. По ова, според институциите, тој бил недостапен за органите на прогонот.
Министерството за внатрешни работи на 17 декември 2024 година распиша меѓународни потерници по Артан Груби и Перпарим Бајрами, откако Основното јавно обвинителство Скопје достави наредба за распишување национална потерница и иницијатива за меѓународна потерница.
Во истиот период, Основниот кривичен суд Скопје им определи притвор во траење од 30 дена на двајцата осомничени.
Груби и судијата Енвер Беџети на 9 декември 2024 година беа ставени на црната листа на американскиот Стејт департмент, со образложение дека се вмешани во корупција.
Случајот со Артан Груби во јавноста предизвика бројни реакции, а од политичката партија Влен во мај годинава обвинија дека предметот се одолговлекува и побараа институционален епилог.
„Артан Груби, заедно со бегалецот Перпарим Бајрами, се сомничи за злоупотреби во вредност од 8 милиони евра во случајот ‘Државна лотарија’. Ова не е обичен предмет, туку едно од најтешките досиеја на системот на ДУИ, каде што политиката, бизнисот, лотаријата и власта биле измешани за приватни интереси“, соопштија тогаш од Влен.
Од партијата поставија прашања кој има интерес случајот да се одолговлекува и побараа одговори од институциите.
„Кој го одолговлекува овој случај? Кој има интерес Артан Груби да молчи? Кој се плаши од тоа што може да открие архивата на ДУИ?“, прашаа од Влен.
Во реакцијата беше посочено и името на шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, при што од Влен наведоа дека јавноста треба да добие одговори дали постојат влијанија врз текот на постапката.
Покрај Груби, осомничен во предметот е и Перпарим Бајрами, претседател на Управниот одбор и тогашен генерален директор на „Државна лотарија“.
Според информациите од Обвинителството, Бајрами како првоосомничен на 9 мај 2023 година електронски до Владата, во својство на Собрание на акционери на друштвото, доставил информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа.
Во предлогот било наведено да се спроведе постапка за набавка на ВЛТ терминали и нивно имплементирање. Проценетата вредност на набавката изнесувала 42 проценти од сметководствената вредност на друштвото утврдена со последните финансиски извештаи.
Според Обвинителството, станувало збор за голема зделка за која согласно закон било потребно одобрување од Управниот и Надзорниот одбор на „Државна лотарија“, а не од Собранието на акционери.
„Предлогот бил даден иако осомничениот знаел дека набавката е беспредметна и непотребна, бидејќи АД ‘Државна лотарија’ согласно Законот за игрите на среќа нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државата“, соопшти Обвинителството.
Според истрагата, тоа право уште во 2013 година било вложено во Државната видеолотарија – „Касинос Аустрија“ ДОО Скопје, како непаричен влог во вредност од 6.244.898 евра, со што „Државната лотарија“ се стекнала со удел од 51 процент во основната главнина на друштвото.
За второосомничениот Артан Груби, Обвинителството наведе дека иако знаел дека барањето за јавната набавка е противзаконско, на 6 јуни 2023 година како вицепремиер претседавал со седница на Владата во својство на Собрание на акционерското друштво.
Според ОЈО Скопје, на седницата била усвоена информацијата и „Државна лотарија“ била задолжена да ги преземе активностите за започнување со самостојно приредување електронски игри на среќа и набавка на видеолотариски терминали.
Потоа биле донесени потребните одлуки, спроведени јавни набавки и склучени договори во вкупен износ од 501.319.119 денари за набавка на видеолотариски терминали.
Според Обвинителството, терминалите согласно закон не смееле да се употребат за приредување електронски игри на среќа, а и покрај набавката, никогаш не биле ставени во употреба. Останатите четворица осомничени во случајот се товарат дека, во својство на претседател и членови на комисии за два одделни јавни повици, ги злоупотребиле посебните овластувања и должности.
Според сомнежите на Обвинителството, тие спровеле јавни повици за пренесување право за приредување електронски и интернет игри на среќа, иако не биле исполнети законските услови за таква постапка.
К.Д.





