Четирите бизнис-идеи избрани од страна на стручна комисија, кои од фондацијата САСА ќе добијат грантови за кофинансирање во вкупен износ до 50.000 евра, се: „Vila Kalimana Lake View“ – проект за развој на нов туристички комплекс во близина на езерото Калиманци; „Физио актив“ – проект за развој и понуда на организирани тури и туристички услуги со електрични велосипеди; „Micro Greens“ – проект за производство на органски земјоделски култури; и „Осоговски Плод“ – проект за собирање и преработка на природни шумски плодови.
Избраните бизнис идеи припаѓаат во областите кои се идентификувани како приоритетни од страна на заедницата, по претходно организирани работилници, и имаат висок потенцијал за одржлив развој, како што се туризмот и земјоделството.
По потпишувањето на договорите за доделување на грантовите започнува фазата на имплементација, во која избраните корисници ќе продолжат да добиваат стручна поддршка во растот и развојот на нивните бизниси.
Инаку, на отворениот повик за пријавување на бизнис -идеи се пријавија вкупно 18 апликанти, при што во финалниот процес на селекција беа подготвени и разгледани 16 бизнис планови, што ја потврдува високата мотивација и потенцијалот за развој на локалната бизнис заедница.

Покрај доделувањето на финансиски грантови за најдобрите бизнис-идеи, Акцелераторската програма им овозможи на сите пријавени учесници, преку соодветни обуки и менторство во времетраење од пет недели, да стекнат практични знаења во изработка на бизнис-планови и нивна реализација.
„Со оваа програма не инвестираме само во бизнис идеи, туку и во луѓето и во иднината на Македонска Каменица. Нашата цел е да го поддржиме создавањето нови одржливи бизниси кои ќе генерираат нови работни места и долгорочна вредност за заедницата. Ова е само почеток на еден поширок процес на градење претприемачка култура и креирање нови перспективи за младите и за целокупната локална заедница“, изјавија од Управниот oдбор на Фондација САСА.
Акцелераторската програма е дел од иницијативите на Рудник САСА, кои се реализираат преку фондацијата САСА, насочени кон долгорочен и одржлив развој на локалната економија и подобрување на квалитетот на живот во заедницата.






