„Наместо денес да се жали на Фејсбук како опозицијата го напаѓала, треба да си поднесе оставка како минимум чин на лична одговорност. Пред оставката, треба да ги приведе сите седум началници за кои сите правни експерти во државата јасно кажаа дека имаат директна одговорност за настанот. Додека обични службеници се гонат и носат на распит, додека истрагата веќе стигна и до 2012 година, лицата кои реално имале моќ и обврска да спречат трагедија – остануваат недопирливи. Началници, командири, луѓе од БЈБ, па дури и полицајци што биле таа вечер на лице место – никој од нив не е ниту повикан, ниту истражуван. Тоа е срамно. Тоа е директен доказ за селективна правда. Има ли поголем доказ за морален пораз од тоа што советничка од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Кочани поднесе оставка, а министерот не? Како е можно политички претставник на локално ниво да покаже повеќе карактер од човек кој води едно од најмоќните министерства? Дури Тошковски измислува некакви алијанси и на празно обвинува, нема никакви алијанси, има само прашања на кои тој не дава одговори“, изјави денеска пратеникот од СДСМ, Миле Талески.
„Речиси секојдневно јавноста е информирана за истрагата што се врши во контекст на случајот во Кочани. Надлежните тоа го прават во рамки на законските овластувања. Се разбира ако СДС воопшто знаат што е работа согласно закон и процедура. Според приложеното од СДС не знаат ништо, ниту кој води истрага, ниту која институција какви надлежности има, се разбира и да ги прашаме кој за што е задолжен ако го имаме во предвид пресот нема го знаат тоа. Ваква сеопфатна истрага досега немало ниту за еден случај, како од аспект на вклученост на сите, така и од аспект на ажурност на сите. За тоа каде е СДС се гледа од нивните пресови. Денеска пратеник од Прилеп излегува и бара одговорност од Панче Тошковски. Каква иронија! Едно е јасно, СДС го напаѓа Панче Тошковски затоа што апси криминалци кои СДС ги толерира. Сега од постапките се гледа дека недопирливи нема, владеењето на правото е безусловно!“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Засега реакција на фејсбук статусот на Тошковски од ДУИ нема. Левица пак поднесе интерпелација за министерот Тошковски поради трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани.
Приврзоци на ДУИ и политички паразити реагираше на својот фејсбук-профил Панче Тошковски, министерот за внатрешни работи, по вчерашните, како што напиша тој, синхронизирани напади од ДУИ, СДСМ и Левица за неговата интерпелација. Според Тошковски, ова е доказ дека „правдата конечно ги допира оние кои мислеа дека ќе бидат засекогаш недопирливи“.