Пратеникот и претседател на Левица, Димитар Апасиев, се огласи на социјалните мрежи, потенцирајќи дека досега, по секоја голема трагедија, министрите од морални причини си поднесувале оставки, дури и кога тие не биле прифатени. Тој оцени дека овој случај го надминува прагот на толеранција, а одговорноста на МВР е директна и сериозна.
„Овој бескрупулозен министер, познат како ‘адвокат на урбаната мафија’, нема ниет да ја сфати суштината на оставката од морални причини“, напиша Апасиев.
„МВР е директно одговорно за трагедијата во Кочани. Овој послушник на премиерот има само една задача – да ја заташка истрагата за да не одговара ниеден функционер од власта.“
Од Левица посочуваат дека интерпелацијата е поднесена поради грубо занемарување на јавната функција, нестручност, неодговорност и низа противзаконски дејствија, скандали и кадровски промашувања во рамките на МВР.
Партијата најавува дека на собраниската седница „машки“ ќе се соочи со министерот, барајќи целосна политичка и институционална одговорност за настанот кој ја потресе целата држава.