Договорот за новите 100 милиони евра кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ) го потпишаа денеска министерот за финансии Фатмир Бесими, потпретседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова и директорот на Развојната банка на Северна Македонија, Кире Наумов, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир.
Според Договорот, одлука за ваква каматна стапка е донесена за првите 50 милиони евра, а за наредните 50 милиони ќе зависи од моменталната состојба во економијата. Ќе се пласираат преку комерцијалните банки, со кои во наредните две до три недели ќе потпише договор Развојната банка на Република Северна Македонија, до која ќе се доставуваат проектите на одобрување.
„Нашата определба како Влада е да продолжиме со фискалниот стимул на стопанството сѐ додека тоа не застане на здрави нозе. Претходните кредитни линии од ЕИБ, пласирани преку Развојната банка, покажаа навистина добри резулати. Денеска потпишавме исклучително важни договори со Европската инвестициска банка, со кои се обезбедуваат 100 милиони евра поволни средства за малите и средни фирми во Република Северна Македонија или една значајна ликвидносна поддршка за заздравување од ефектите од ковид-19 пандемијата. За нашата економија, овие средства значат нови вработувања, нови инвестиции, а со тоа и придвижување на економската активност и забрзување на економскиот раст“, рече Бесими.
Потпретседателката на ЕИБ, Павлова истакна дека овие средства ќе одговорат на ликвидносните потреби на фирмите за обртни средства, но и ќе поттикнат долгорочни инвестиции во земјава, во контекст на економско заздравување и иден раст.
„Оваа линија е дел од иницијативата Тим Европа и финансискиот пакет на ЕИБ за поддршка за опоравување на земјите од Западен Балкан од ковид-19. Ја користам оваа можност да ја изразам целосната поддршка на ЕИБ кон Република Северна Македонија и регионот во постигнувањето на нивните цели и реформи во согласност со политиките на ЕУ. Со нетрпение го очекуваме напредок на пристапниот пат на Северна Македонија, како и да ја продолжиме нашата блиска соработка со Владата, Развојната банка, ЕУ и другите финансиери во земјата, за успешни сегашни и идни проекти кои ќе донесат придобивки за граѓаните на Северна Македонија“, изјави Павлова.
Таа додаде дека сакаат да видат како земјава искористува што е можно повеќе од можностите и од економскиот инвестициски план на Европската комисија во којшто ЕИБ ќе одигра многу важна улога. Павлова, исто така е убедена дека има голем прилив на зелени инвестиции и ги наброја како пример приоритетниот проект за железницата за Коридор 8, како и новата шема која што го поддржува општинското водоснабдување и инфраструктурата за отпадни води.
Според евроамбасадорот Гир, малите и средните претпријатија се сржта на секоја економија и тие обезбедуваат работни места, создаваат додадена вредност и предводат со иновативни решенија, особено кога станува збор за приоритетите на ЕУ, како зелената и дигиталната агенда.
„Токму затоа Тим Европа, односно Европската унија и земјите членки, како и поврзаните финансиски институции, презема чекори да ги поддржи малите и средни претпријатија во Република Северна Македонија уште од почетокот на пандемијата. Тие можат да инвестираат и да креираат иновации и со помошта на ЕУ, тие можат да ја одиграат својата улога во заздравувањето на економијата од здравствената криза“, рече Гир.
Директорот на Развојната банка Кире Наумов кажа дека првични податоци укажуваат на голем интерес за кредитната линија и дека го надминува првиот лимит од 50 милиони евра, а за кои има одлука од Владата за субвенционирање на каматната стапка и тие би биле пласирани со камата максимум до 1,6 отсто.
„Кредитите ќе бидат давани на мали и средни претпријатија за инвестиции и за обртни средства. Максималниот износ за инвестиции ќе биде до 3 милиони евра, и 12 години отплата, со грејс период од 2 години, додека за обртни средства до 666 илјади евра, рок на отплата до 3 години со грејс период од 6 месеци. Немаме огрничувања на секторите или индустриите што можат да ги користат, освен неколку индустирии кои ЕИБ ги има класифицирано како жолти зони, односно не може да користат градежните компании од оваа линија на ЕИБ“, појасни Наумов.
Тој најави дека во наредните две до три недели ќе бидат потпишани договорите со комерцијалните банки и тогаш ќе може да почнат да се праќаат проектите до Развојната банка.
Во последните 13 години, воспоставени се шест договори со ЕИБ од 550 милиони евра кои се ставени во полза на економскиот развој во земјава, со кои се поддржани 2.090 проекти на домашни мали и средни компании и креирани се 8.029 нови работни места. Од претходните пет заеми од Европската инвестициска банка преку Развојната банка се пласирани средства во вкупен износ од 450 милиони евра, од кои 182 милиони евра кон компании од производствената дејност, 127 милиони евра кон компании со дејност трговија, 40 милиони евра кон компании од транспортната дејност, и компании од други дејности како – услуги, угостителска дејност, здравство, образование.






