Владата формира нова работна група која треба да го разгледа случајот со долгот на Македонски железници Транспорт кон Хрватски железници, но засега нема никаков извештај, а доверителот месечно на камати инкасира по 70 илјади евра. Долгот на државното акционерско друштво МЖ Транспорт расте секоја година – по околу еден милион евра годишно. И така е веќе со години.
Се работи за долг настанат по распадот на Југославија и порамнувањето на сметките и долговите на железничките претпријатијата. Со ова порамнување утврдено било дека МЖ Транспорт имаат долг од околу 49 милиони евра кон дваесетина европски железнички претпријатија, од кои отворени останале 3,8 милиони евра долг кон Хрватски железници Карго. Побарувањата се дел од транспортните приходи од железнички и товарен превоз од 1991 до 1995 меѓу Хрватска и Македонија.
Владата на Македонија за овој долг во 2004 година носи Указ, законска гаранција на долгот дека државата во име на АД МЖ Транспорт ќе ги плаќа пристигнатите ануитети. Но, досега ништо не е сторено, а долгот само расте.
Хрватски железници во 2010 година на меѓународен тендер ги продава сите долгови (главница+камата), меѓу кои и тој од АД МЖ Транспорт. Тогаш, на 27 декември 2010 гдина, долгот веќе стигнал до бројката од 12.054.962 евра (8,2 милиони евра камата на 3,8 милиони евра главен долг). ЦИОС е хрватската компанија што од тогаш продолжува во обидите да го наплати долгот од македонската државна компанија МЖ Транспорт. Сопственик на ЦИОС, хрватската компанија за собирање и преработка на индустриски отпад, е Петар Припуз.
На почеток на месец јули, почнаа да се пресметуваат каматите за уште една месечнa рата од 70 илјадуи евра.
А.Д.






