четврток, 2 јули 2026

ДЗР за Торакална хирургија, јавни набавки со една понуда, застарени долгови, две третини од пациентите биле „итни“

Лекови набавувани без договори, јавни набавки со слабa конкуренција и систем без контрола, се само дел од забелешките на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работата на Клиниката за торакална хирургија содржани во конечниот Извештај за 2024 година. Извештајот открива слабости во управувањето со лековите, прекувремената работа, договорите на дело и внатрешните контроли, додека две третини од пациентите биле прегледувани како итни пациенти или без воопшто да имаат закажано термин.

Објавено на

часот

Сподели

Ревизорите утврдиле дека документите врз основа на кои се евидентира потрошувачката на лекови и материјали не биле соодветно потпишани и одобрени од одговорните лица, па со тоа не постои целосна трага кој ја одобрувал употребата на материјалите.

Според ревизорите, загрижувачки е тоа што дел од медицинските материјали биле испорачувани во период кога Клиниката немала важечки потпишан договор за јавна набавка. Клиниката ова го оправдала со потребата да не се прекинат операциите поради истечени договори и ограничена конкуренција на пазарот, бидејќи за дел од производите постоел само еден ексклузивен застапник. Дополнително, констатирана е разлика од 15,5 милиони денари помеѓу материјалната евиденција и евиденцијата за потрошени материјали по пациенти. Ревизорите анализирале постапки со вкупна вредност од 159,3 милиони денари, при што биле опфатени 93 проценти од сите преземени обврски. Ревизијата покажала дека во повеќе случаи техничките спецификации биле напишани толку прецизно што практично го ограничувале бројот на потенцијални понудувачи.

Иако тоа е предвидено со Законот за здравствената заштита и со подзаконските акти, Клиниката, лековите и медицинските материјали ги примале, складирале и ги издавале главните медицински сестри по одделенија бидејќи Клиниката немала болничка аптека и немала ниту еден вработен фармацевт. Според ревизорите, ова создава ризик лековите да се управуваат без соодветна стручна контрола, со можност за грешки при употребата и нецелосно следење на залихите.

Прекувремена работа без законски процедури

Ревизијата уште покажува дека на 75 вработени им биле исплатени над 5,1 милион денари за прекувремена работа. Клиниката не доставувала ниту задолжително известување до Државниот инспекторат за труд.

„Организирањето и исплатата на прекувремената работа не се врши врз основа на претходно донесена одлука од страна на одговорното лице, туку истата се одобрува за исплата на крајот на месецот, по доставени листи од раководителите на организационите единици, за воведувањето на прекувремена работа не е доставено писмено известување до Државен инспектор на труд. Утврдените состојби не обезбедуваат соодветна контрола и основаност при одобрување на прекувремената работа, овозможуваат субјективност во определувањето на должината на истата и создаваат ризик од нереални и неосновани исплати на надоместоците по овој основ“, констатирале резвизорите.

Во текот на 2024 година биле ангажирани 24 лица со договор на дело, за што биле исплатени над 5,4 милиони денари. Ревизијата утврдила дека дел од медицинскиот персонал примил дополнителни надоместоци за ноќна работа, дежурства и празници, иако таквите права произлегуваат од работен однос, а не од договор на дело. На дел од ангажираните им биле исплатени околу 401 илјада денари повеќе од договорениот износ.

Дополнително, во првите три месеци од годината биле ангажирани повеќе лица отколку што дозволувале согласностите од Министерството за финансии.

Две третини од пациентите биле „итни“

Иако Клиниката ги исполнувала законските обврски за објавување редовни термини во системот „Мој термин“, ревизорите утврдиле дека 66 проценти од сите прегледани пациенти биле прегледани како итни случаи или со упати без закажан термин.

„Согласно Законот за здравствената заштита, одговорното лице на Клиниката во рамки на системот Мој термин е должно да определи месечен календар на активности за секој здравствен работник кој дава специјалистичко – консултативни услуги кој особено содржи податоци за вршење на прегледи во амбуланта и давање на услуги со користење на медицинска опрема. Во рамки на Клиниката функционираат амбуланта за васкуларна хирургија и амбуланта за градна хирургија Времетраењето на смените и поединечните прегледи се определени со Правилник со кој е предвидена и обврска календарот на активности да биде дефиниран и јавно достапен во системот Мој Термин.И покрај тоа што Клиниката ја исполнува законската обврска за вкупниот број на објавени редовни термини, анализата покажува дека 66 отсто од вкупниот број на реализирани прегледи се извршени преку итни упати или упати без термин“, пишува во ревизорскиот извештај.

Ревизорите потенцираат дека ваквата структура на упатувања укажува на значително отстапување од планираниот начин на користење на системот Мој Термин и на зголемено оптоварување на Клиниката, што може да влијае врз ефикасноста на планирањето и организацијата на работниот процес, оптималното користење на расположливите капацитети и достапноста на здравствените услуги за пациентите

Клиниката не наплатила 27,5 милиони денари, долговите може да застарат

Ревизорите предупредуваат дека Клиниката за торакална хирургија со години не ги наплаќала милионските побарувања, а дел од долговите на пациентите се постари од три години. Дополнително, Клиниката наплатила 354.000 денари помалку партиципација отколку што пресметала.

На крајот на 2024 година Клиниката евидентирала побарувања од над 28 милиони денари од кои 1,747 милиони денари се побарувања од пациенти и странски државјани кои се постари од три години и за нив не биле преземени никакви мерки за наплата. Како што се наведува во извештајот, тоа создава реален ризик Клиниката никогаш да не ги наплати овие средства, што директно влијае врз приходите и финансиската дисциплина.

„Во текот на 2024 година, во месечните извештаи за извршени здравствени услуги во Специјалистичко консултативна здравствена заштита и Болничка здравствена заштита доставени до Фондот, прикажан е износ од 5.338 илјади денари на име партиципација на товар на пациентите, додека во сметководствената евиденција на Клиниката е евидентирана наплата на партиципација во износ од 4.984 илјади денари. Од страна на одговорните лица е дадено образложение дека помалку наплатената партиципација е од пациенти кои не извршиле уплата по завршување на епизодата на лекување“, пишува во ревизорскиот извештај.

Ревизорите оценениле дека тоа е недоволно ефикасен систем за наплата и препорачале воспоставување постојан механизам за следење и присилна наплата. Клиниката за торакална хирургија почнала со присилна наплата во јули 2024 кога биле поведени постапки против 147 пациенти, за вкупен долг од 417 илјади денари. Сепак, не пациентите туку државата не најголемиот должник на Клиниката. Ревизорскиот извештај уште покажува дека Министерството за здравство ѝ должи на клиниката 27,466 милиони денари за веќе извршени здравствени услуги во рамките на националните програми. ДЗР предупредува дека наплатата е неизвесна и дека ваквата состојба сериозно влијае врз ликвидноста и финансиската стабилност на Клиниката за торакална хирургија.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ