четврток, 2 јули 2026

Без договор за Изборниот законик, 13 илјади амандмани на СДСМ и Левица, остана спорно електронското гласање на дијаспората

Вчерашниот обид на пратеничките групи во Собранието за договор за измените на Изборниот законик заврши неуспешно. За опозициските партии СДСМ и Левица спорен е предлогот за електронско гласање на дијаспората. За ВМРО-ДПМНЕ без прифаќање на оваа измена нема договор. СДСМ и Левица заедно веќе поднесоа повеќе од 13 илјади амандмани. Процесот е блокиран.

Објавено на

часот

Сподели

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, очекува дека и наредните парламентарни избори ќе се спорведат според важечкиот Изборен законик.

„Она што остана како точка преку која не можеше да се помине е забелешката на СДСМ за електронското гласање на дијаспората. Моделот кој е во Изборниот законик е неприфатлив за СДСМ и со жалење можам да констатирам дека разговорите завршија неуспешно“, рече Мицевски.

Закажаната седница на собраниската Комисија за политички систем беше прекината поради илјадниците амандмани поднесени од СДСМ и Левица.

За Венко Филипче, претседателот на СДСМ, овие измени на Изборниот законик отвораат сериозни сомневања за злоупотреби, нерегуларности и нарушување на легитимноста на изборниот процес.

 „Оваа измена на закон, којшто се воведува ваков начин на гласање, електронски, на нашата дијаспора – не знаеме колку илјади луѓе се тоа, 100, можеби 200 илјади луѓе – отвора можност за злоупотреба, за контролирано гласање, за тоа еден човек да гласа во име на повеќе луѓе. Да ја потсетам јавноста дека овој и ваков закон предлага партија и тоа како добропозната по злоупотребите во изборниот процес“, изјави вчера Филипче.

Левица подготви 3.500 амандмани кои главно се однесуваат на државното финансирање. Тие сметаат дека прашањето за гласањето на дијаспората е координирано меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„Целиот процес, кој СДСМ прво го бојкотираше, а сега ќе го блокира со амандмани, ни дава индиции дека станува збор за договор меѓу двете најголеми партии повторно Левица да остане без државно финансирање. Во ваков статус единствен губитник е Левица, бидејќи остануваат непринципиелните правила на политичка дискриминација“, изјави претседателот на Левица Димитар Апасиев.

Премиерот Христијан Мицкоски, вчера одговарајќи на новинарски прашања изјави дека сите барања на СДСМ и Левица биле прифатени, но ги обвини за, како што рече, дволична политика.

„Проблемот каде настана? Кога политичката партија рече ние нема да се потпишеме. Вие потпишете се. Ние нема да правиме филибастеринг, вие слободно гласајте го и така да помине. Со тоа каква порака испраќаат – ние добивме тоа што сакаме, работевме цело време најлицемерно, сега откажуваме за да се прикажеме пред оние што не поддржуваат дека еве ние сме тврдокорните, а во суштина како мачиња се си прифатија за време на дебатата“, вели Христијан Мицкоски. За него ова е демократски чекор за вклучување на дијаспората. Тој ги негираше шпекулациите дека овие измени за гласањето на дијаспората се поврзани со неговата намера да се кандидира за претседател на државата на изборите во 2029 година.

Амандмани ќе поднесе и ЛДП. Претседателката на партијата, Моника Зајкова, изјави дека доколку до крај не се разјасни процесот на контрола на гласањето, тогаш изборниот процес, според неа, би можел да се сведе на „гласање на бел лист хартија“.

Обидот за реформа на изборното законодавство во Собранието на Македонија доживеа неуспех поради длабокиот политички јаз околу воведувањето електронско гласање за дијаспората. Процесот на измени на Изборниот законик првично беше усогласен во меѓупартиската работна група. СДСМ и Левица одлучија да го блокираат законот преку филибастеринг. Со поднесени околу 10.000 амандмани од СДСМ и дополнителни 3.500 од Левица, процесот е целосно парализиран. Оваа тактика на филибастеринг е легален инструмент во Собранието, но во овој случај таа директно влијае на спроведувањето на реформската агенда.

За постоечкиот Изборен законик има бројни забалешки не само од политичките партии во Македонија, туку и од ОБСЕ и ОДИХР чии преппораки веќе неколку изборни циклуси не се спроведуваат.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ