На средбата, како што соопшти Министерството за финасии, е истакнато дека Словачка е заинтересирана за трансфер на know-how во Mакедонија, во областите за кои смета дека е најподготвена, а кои се од големо значење на нашата земја во исполнувањето на неопходните ЕУ-критериуми. Притоа е нагласено дека Словачка е подготвена за пренос на знаење во областа на јавните финансии, борбата против даночното затајување, како и во областа на јавните инвестиции.
Дополнително, беше потенцирана и силната поддршка која ја дава за имплементацијата на Националната развојна стратегија, како клучен документ што ги насочува идните развојни политики.
Министерката потенцираше дека Владата и Министерството за финансии остануваат фокусирани на одржување на макроекономската стабилност и стабилност во јавните финансии, спроведување постепена фискална консолидација, како и остварувување на повисоки стапки на економски раст, поттикнати и преку реализација на јавни инвестиции.
Станува збор, како што наведе министерката, за реформи и чекори коишто се приоритет во владините програми, но и во мерките и политиките коишто се разговараа и на вчерашните состаноци во Брисел.
Соговорниците констатираа дека економската соработка меѓу двете земји треба да се унапреди и дека во таа насока е неопходно продлабочување на бизнис поврзувањето, размена на информации и реализација на заеднички проекти.
Министерката Димитриеска-Кочоска престојува во дводневна посета на Република Словачкана покана на министерот Каменици. Во рамки на посетата, ќе бидат одржани средби на делегациите на двете земји, како и државните секретари од министерствата за финансии. Предвидено е Димитриеска-Кочоска и Каменицки да одржат заедничка прес-конференција.






