четврток, 2 јули 2026

Брисел одлучи да ги награди реформите во Македонија, државата ќе добие повеќе европски пари

Македонија е меѓу трите земји од Западен Балкан, заедно со Албанија и Црна Гора што би можеле да добијат дополнителна финансиска поддршка од Европската Унија, откако Европската комисија се подготвува да ги прераспредели парите од Планот за раст во корист на земјите што покажуваат најголем напредок во спроведувањето на реформите за членство, објави телевизијата Еуроњуз.

Објавено на

часот

Сподели

Европската комисија подготвува прераспределба на парите од Планот за раст за Западен Балкан во корист на Македонија, Црна Гора и Албанија. Босна и Херцеговина (БиХ), Косово и Србија ризикуваат да останат без дел од милијардите затоа што не ги исполнија договорените реформски рокови, пишува во објавата на Еуроњуз.

Во моментов Европската комисија сè уште не соопштува колкав износ ќе биде прераспределен ниту како ќе биде распределен меѓу трите најуспешни земји.

Како што пишува Еуроњуз, повеќе детали се очекуваат подоцна овој месец, кога Комисијата ќе ги информира земјите-членки за резултатите од проценката и за висината на средствата што ќе им бидат пренасочени.

„Европската комисија е подготвена да прераспредели средства во рамките на алатката дизајнирана финансиски да ги стимулира земјите од Западен Балкан да ги спроведат реформите потребни за пристапување во ЕУ во корист на земјите ‘предводници’“, изјавиле двајца анонимни претставници на ЕУ за Еуроњуз.

Телевизијата пишува дека доколку информациите бидат официјално потврдени, Македонија ќе биде меѓу најголемите добитници од новата политика на Европската Унија, „која првпат директно ги наградува земјите што покажуваат најголем реформски напредок, а истовремено ги намалува средствата за оние што ги пропуштаат договорените рокови“.

Според телевизијата, од досега расположливите шест милијарди евра биле ослободени само околу 673 милиони евра, а речиси целата сума завршила кај трите земји што се оценуваат како најуспешни во реформскиот процес, Македонија, Црна Гора и Албанија.

Според оценките на Европската комисија, Босна и Херцеговина, Косово и Србија значително заостануваат во исполнувањето на договорените обврски, поради што ризикуваат да изгубат дел од средствата што првично биле предвидени за нив.

Станува збор за инструментот „План за раст за Западен Балкан“, воспоставен во 2024 година, вреден шестмилијарди евра, чија цел е финансиски да ги мотивира земјите кандидати побрзо да ги спроведуваат реформите неопходни за членство во Европската Унија.

Според правилата на инструментот, секоја држава има обврска навреме да ги реализира реформските чекори договорени со Европската комисија. Ако роковите не бидат испочитувани, Комисијата може да задржи дел или целосниот износ на средствата што се поврзани со конкретната реформа.

Корисниците имаат една година да ги исполнат условите пред да се прераспределат средствата, освен првата година кога рокот е продолжен на две години. Тоа значи дека крајот на јуни беше првиот таков рок.

„Како што нагласува регулативата, кога реформските чекори не се исполнети и истекоа во грејс периодот, соодветните средства можат да се прераспределат меѓу другите корисници. Во врска со чекорите што требаше да се достават на 30 јуни 2026 година, Комисијата сега ќе спроведе сеопфатна и објективна проценка на сите корисници“, изјавил портпарол на Комисијата за Еуроњуз.

Овој пристап претставува нов модел на европско финансирање, во кој средствата повеќе не се распределуваат однапред според политички договорени квоти, туку врз основа на конкретни резултати и исполнети реформи.

Според телевизијата, најнеповолна е состојбата во Босна и Херцеговина.

Според информациите на Европската комисија, оваа земја досега не добила ниту едно евро од Планот за раст, бидејќи не успеала да реализира ниту една од клучните реформи предвидени со програмата. Како главна причина се наведува сложената институционална структура на државата, која значително го забавува носењето одлуки.

И Косово и Србија се соочуваат со ризик да останат без дел од средствата поради недоволен реформски напредок, заклучува Еуроњуз.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ