четврток, 23 јули 2026
Без превенција – нови жртви

Врсничкото насилство излегува од контрола: Децата тепаат, снимаат и понижуваат – кој е виновен?

Врсничкото насилство во Македонија станува сѐ почесто, но и сѐ посурово. Последните неколку месеци јавноста беше сведок на низа вознемирувачки случаи во кои жртви беа деца, а насилството не завршуваше со физичкиот напад – продолжуваше и на социјалните мрежи преку видеоснимки што се споделуваа меѓу врсниците.

Објавено на

часот

Сподели

Полицијата отвори повеќе постапки и во дел од случаите беа поднесени кривични пријави, но секој нов инцидент повторно го отвора прашањето дали институциите реагираат доволно брзо и дали системот навистина успева да ги заштити децата.

Еден од низата брутални случаи кој ја потресе јавноста во април годинава, е кога шестоодделенка од основно училиште во скопската општина Ѓорче Петров, беше жртва на брутално малтретирање од три постари девојчиња. Детето било тепано, горено со цигари, понижувано и принудено да јаде кучешки измет, додека дел од тортурата бил сниман со мобилен телефон. Нападот се случил во парк во близина на старото вовче, на само неколку метри од полициската станица, а според првичните информации, сѐ започнало по расправија на Инстаграм. По нападот девојчето завршило на лекарска и психијатриска помош, а снимките се ширеле меѓу учениците.

Само неколку недели подоцна јавноста беше сведок на нов случај на врсничко насилство, овојпат во Куманово. На видеоснимка што се прошири на социјалните мрежи се гледа како девојче е опколено од група врсници, удирано со шлаканици, тупаници и клоци, додека присутните го снимаат насилството наместо да се обидат да го спречат. Настанот бил пријавен во полиција со задоцнување, а снимката повторно го отвори прашањето за улогата на дигиталното насилство и за тоа колку брзо ваквите содржини се шират меѓу младите.

Претходно се појави и снимката од групна тепачка во дворот на училиштето „Дитурија“ во Сарај, како и случајот во Чаир, каде што 11-годишно девојче било нападнато, а родителот за случувањата дознал дури откако видеото почнало да се споделува на социјалните мрежи. Последниот случај, регистриран во скопската населба Аеродром, уште еднаш покажа дека врсничкото насилство не е изолиран инцидент, туку проблем што се повторува во различни средини.

И уште се повторуваат снимки од тепани деца од нивни врсници…

Заедничко за речиси сите случаи е што насилството било снимано. Психолозите предупредуваат дека токму тоа ја прави траумата уште потешка, бидејќи жртвата не ја преживува тортурата само во моментот на нападот, туку повторно секојпат кога снимката ќе биде споделена, прегледана или искористена за дополнително понижување.

Од Министерството за внатрешни работи во повеќе наврати информираа дека се преземени службени дејствија, извршени се разговори со малолетниците и нивните родители, обезбедени се видеодокази и, во координација со јавните обвинителства, се водат постапки и се поднесуваат кривични пријави. Сепак, секој нов случај ја отвора дилемата дали реакцијата следува дури откако снимките ќе станат јавни, наместо насилството да биде навреме препознаено и спречено.

Според податоците на меѓународните истражувања, околу десет проценти од децата на возраст меѓу 11 и 15 години се изложени на врсничко насилство повеќе пати месечно.

Од Првата детска амбасада „Меѓаши“ предупредуваат дека проблемот не може да се реши само со физичко обезбедување на училиштата. Според нив, насилството најчесто се третира дури кога ќе дојде до физички повреди, додека психичкото, вербалното и дигиталното насилство често остануваат незабележани.

Во прирачниците на „Меѓаши“ се наведува дека спречувањето на врсничкото насилство бара заедничка одговорност на семејството, училиштето и институциите. Родителите имаат клучна улога во поставувањето јасни граници, развивањето емпатија и ненасилна комуникација, бидејќи токму во семејството детето ги усвојува првите модели на однесување. Истовремено, училиштата треба активно да работат на превенција, а не да реагираат само кога ќе се случи инцидент.

Во прирачникот на „Меѓаши“ објавен на нивната веб-страница се наведува дека резултатите од фокус-групите и прашалниците покажуваат оти родителите имаат ограничено учество во одредени аспекти од училишниот живот, но мнозинството сметаат дека можат значително да му помогнат на училиштето во активностите за превенција од насилство.

Според организацијата, родителот е најважната личност за детето и претставува негов прв пример за однесување, емоционално изразување и воспоставување односи со другите.

Родителот е најголемиот извор на љубов, грижа и топлина за детето, но истовремено е и модел според кој детето учи како да се однесува, како да ги решава конфликтите и како да воспоставува социјални контакти“, се наведува во прирачникот.

Од „Меѓаши“ нагласуваат дека начинот на кој родителите комуницираат дома директно влијае врз однесувањето на детето во други средини.

Ако детето расте во средина во која има почит, љубов, но и јасно поставени граници, ненасилна комуникација и простор за разговор, поголема е веројатноста и самото да ги применува овие модели во контактите со другите.

Промените треба да се случат на индивидуално ниво, со давање личен пример, а потоа тие ќе се рефлектираат и во другите средини. Така се прекинува кругот на насилство и се промовира ненасилно однесување и интеракција меѓу луѓето, особено меѓу децата“, се наведува во прирачникот.

Од „Меѓаши“ предупредуваат дека детето го усвојува однесувањето што го гледа во семејството. Доколку родителот во конфликтни ситуации реагира со викање, навреди или агресија, детето може да го прифати тоа како модел на решавање проблеми и да го повтори во училиштето или во други односи.

Затоа, според организацијата, родителот има клучна улога во поставувањето на границите меѓу дозволеното и недозволеното однесување, а позитивната интеракција со родителите е основа за здрав социјален и емоционален развој на детето.

Адвокатката Маја Ристова, која застапува жртва на долгогодишно врсничко насилство, предупредува дека проблемот не е нов, но денес е многу повидлив поради социјалните мрежи. Според неа, порано насилството најчесто останувало во училишниот двор или во маалото, додека денес снимките овозможуваат понижувањето да продолжи и по завршувањето на нападот. Таа смета дека на зачестувањето на насилството влијаат повеќе фактори – недоволно поставени граници во воспитувањето, слабеењето на авторитетот на родителите и наставниците, како и избегнувањето на соодветни последици за неприфатливото однесување.

Ристова јавно реагираше и откако Вишото јавно обвинителство ја потврди одлуката да не се гонат кривично родителите на малолетници кои со месеци физички и психички малтретирале друго дете. Според обвинителството, тие не можеле да одговараат за кривичното дело „запуштање и малтретирање на дете“ бидејќи не биле свесни за постапките на своите деца. Одлуката, според адвокатката, испраќа загрижувачка порака дека системот сè уште не успева да обезбеди ефикасна заштита за жртвите на врсничко насилство.

Една од најчестите родителски грешки е што, од желба да му го олеснат животот на своето дете, не му поставуваат јасни граници и не го учат дека секое однесување носи одговорност, вели адвокатката Маја Ристова за МКД.мк.

Според неа, кога детето не сноси последици за своето однесување или кога постојано некој го оправдува, потешко учи што е прифатливо, а што не.

Друга честа грешка е слабеењето на авторитетот. Кога родителите не се доследни во правилата, кога избегнуваат да кажат ‘не’ или постојано попуштаат за да избегнат конфликт, детето може да добие впечаток дека сè му е дозволено“, посочува Ристова.

Таа нагласува дека децата уште од најрана возраст треба да учат емпатија, почит и преземање одговорност, а најважниот пример го добиваат во семејството.

Ако дома не гледаат пример за почитување на другите, преземање одговорност и извинување кога ќе згрешат, потешко ќе ги развијат тие вредности“, вели адвокатката.

Ристова додава дека одговорноста не е само кај родителите, бидејќи воспитувањето е заедничка задача на семејството, училиштето и општеството, но семејството е местото каде што детето првпат учи што значат граници, почит и одговорност.

Случај по случај, снимка по снимка, Македонија добива јасна слика дека врсничкото насилство повеќе не може да се третира како изолиран училиштен инцидент. Тоа е општествен проблем што бара навремена реакција, јасни санкции, поголема одговорност од родителите, училиштата и институциите и континуирана работа на превенција, за да не се чека ново видео на социјалните мрежи за повторно да се отвори истата дебата.

Во македонското законодавство, децата под 14-годишна возраст не се кривично одговорни. За малолетниците на возраст од 14 до 18 години се применува Законот за правда за децата, кој предвидува посебни постапки и воспитни мерки, а не класични казни како за полнолетните сторители. Во зависност од тежината на делото и околностите, судот може да изрече опомена, засилен надзор од родител или старател, упатување во воспитна установа, како и други мерки чија цел е ресоцијализација на детето.

Но, правниците предупредуваат дека кога станува збор за врсничко насилство, особено ако тоа се повторува подолг период или е проследено со понижување, снимање и ширење на видеоматеријали, не е доволно да се реагира само по извршувањето на делото. Потребна е навремена интервенција од училиштата, центрите за социјална работа, полицијата и обвинителството, со цел да се спречат потешки последици.

Прашањето за одговорноста на родителите повторно се отвори по одлуката на Вишото јавно обвинителство да ја потврди одлуката со која беше отфрлена кривичната пријава против родители на малолетници осомничени за повеќемесечно физичко и психичко малтретирање на друго дете.

Според обвинителството, во конкретниот случај не биле исполнети законските услови за кривична одговорност, бидејќи не било утврдено дека родителите биле свесни за постапките на своите деца. Одлуката предизвика бројни реакции во јавноста и ја отвори дилемата дали постојната законска рамка е доволна за ефикасно справување со врсничкото насилство.

Стручната јавност предупредува дека санкциите сами по себе не можат да бидат единствено решение. Превенцијата започнува многу порано односно во семејството, каде што децата ги усвојуваат првите модели на однесување, продолжува во училиштето преку навремено препознавање на ризичното однесување и завршува со брза и координирана реакција на институциите.

Само со заедничка одговорност на родителите, наставниците, стручните служби и државните органи може да се спречи секој нов случај на врсничко насилство да стане уште една вознемирувачка снимка што ќе се шири на социјалните мрежи.

К. Додевска 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ