петок, 7 ноември 2025

Берово е првата општина во која новата власт ја презеде функцијата по првиот круг од локалните избори

Општинската изборна комисија ((ОИК) во Берово денеска им ги додели уверенијата на новоизбраниот градоначалник и на членовите на Советот на Општина Берово, избрани на локалните избори одржани на 19 октомври.

Објавено на

часот

Сподели

За нов градоначалник на Берово е избран Петар Ружински, кој во своето обраќање изрази благодарност до граѓаните за укажаната доверба и истакна дека ќе работи во интерес на подобар и поквалитетен живот за сите жители на општината.

„Ќе бидам градоначалник кој ќе работи за сите, со цел развој на Берово како модерен и хуман град, со подобри услови за живеење, образование и развој на туризмот“, рече Ружински.

По добивањето на уверението, во просториите на Општина Берово, се одржа официјалното примопредавање на градоначалничката функција, помеѓу досегашниот градоначалник Звонко Пекевски и новоизбраниот градоначалник Петар Ружински.

Беа  потпишани записниците за примопредавање, со што новиот градоначалник и официјално ја презеде одговорноста за раководење со општината.

Досегашниот градоначалник Пекевски, му посака успешна работа на новиот градоначалник Ружински, изразувајќи благодарност за соработката со граѓаните и општинската администрација во изминатиот период.

Новиот градоначалник Петар Ружински, со искрени зборови на благодарност ја превзеде одговорноста,  да ја води Општина Берово, во наредните четири години.

„Денешниот чин, не означува само промена на функцијата, туку претставува континуитет на визијата за подобра иднина, во која заедно, градоначалникот, администрацијата и граѓаните, ќе ја градат својата општина со љубов, труд и посветеност“, рече Ружински.

Потоа следуваше кратка средба на новиот градоначалник, со вработените во Општина Берово, на која тој изрази благодарност за нивната посветеност и очекување за заедничка и успешна соработка во иднина.

Општинската изборна комисија им ги врачи уверенијата и на новите членови на Советот на Општина Берово. Нови советници се: Владко Шахпаски, Горан Ружински, Емилија Пачемска, Николчо Беќарски, Игорчо Жежовски, Весна Ралповска, Емилија Галабовска Биљарска, Влатко Чукарски, Даниел Черговски, Гоце Ружински, Зоран Багашовски, Тања Шенковска, Лилјана Бојчовски, Маја Тушевска и Илија Цикарски.

Претседателот на Општинската изборна комисија, Драган Страторски, им честиташе на избраните претставници и им посака успешна работа и реализација на што поголем број проекти.

„Благодарност до сите членови на комисијата, избирачките одбори, домашните и меѓународните набљудувачи, како и до сите кои придонесоа изборниот процес да се реализира успешно и во демократска атмосфера“ , истакна Страторски.

Од Општинската изборна комисија порачаа дека обединетоста, почитувањето на различностите и заедничката работа се клучни за развојот на локалната заедница.

На новиот градоначалник му беше посакано успешно справување со предизвиците што следуваат, партнерство со локалниот бизнис сектор, унапредување на туристичката понуда, културниот живот и подобрување на условите за образование и социјална сигурност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ