четврток, 25 јуни 2026

Банките ги „шурат“ граѓаните со провизии, тврди Зајкова

Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, ја обвини власта дека не покажува подготвеност да ги заштити граѓаните од високите банкарски провизии и трошоци, откако пратениците од владејачкото мнозинство не го поддржаа предлог-законот на ЛДП за нивно намалување.

Објавено на

часот

Сподели

Во гостување во емисијата „Само Вистина“, Зајкова посочи дека банките остваруваат високи профити на товар на граѓаните и оцени дека е потребно законско регулирање на провизиите, по примерот на повеќе европски држави.

„Кога државата гледа дека постојано растат провизиите и дека банките ги ‘шурат’ граѓаните со непотребни трошоци, треба да се направи анализа и да се следат европските практики. Дури и гувернерот апелира дека можеби ќе треба законски да се заузда таквото работење на банките“, изјави Зајкова.

Таа нагласи дека ЛДП во повеќе наврати предлагала законски измени за ограничување на банкарските трошоци, но без поддршка од мнозинството во Собранието.

Според Зајкова, неприфатливо е граѓаните да плаќаат провизии за одржување неактивни сметки, проверка на состојба на банкомат или за користење банкомат на друга банка.

Таа потсети и на предупредувањата за раст на банкарските провизии, кои, како што наведе, најмногу ќе ги погодат пензионерите и граѓаните кои користат кредити.

Одговарајќи на прашањето зошто не се обезбедува поддршка за законското решение, Зајкова рече дека не сака да прејудицира, но оцени дека одговорот треба да го дадат оние кои одбиваат да го поддржат предлогот на ЛДП.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ