сабота, 18 јули 2026

Азески во Брисел на средба со претставници на Асоцијацијата на европски комори

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески во седиштето на Асоцијацијата на европски комори во Брисел оствари средба со Ваутер ван Хилк, потпретседател на Еурочамберс (Eurochambres) и генерален менаџер на Федерацијата на белгиски комори и со генералниот секретар на Еурочамберс, Бен Бутерс.

Објавено на

часот

Сподели

На средбата е разговарано за натамошното унапредување на соработката меѓу Стопанската комора и Еурочамберс, како и за поактивно вклучување во процесите на креирање европски економски политики и иницијативи од интерес за бизнис-заедницата.

Во разговорите, како што соопшти Стопанската комора, е истакната важноста на силниот и инклузивен коморски систем, кој ќе обезбеди поефикасно застапување на интересите на компаниите, ќе придонесе за подобрување на деловното опкружување и ќе создава конкретна додадена вредност за своите членки.

„Особено внимание му беше посветено на процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан. Соговорниците се согласија дека стопанските комори имаат значајна улога во поддршката на реформските процеси, јакнењето на конкурентноста на компаниите и во продлабочувањето на економската соработка меѓу Европската Унија и земјите кандидати за членство. Во таа насока, беше истакната и улогата на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (WB6 CIF) како најрепрезентативна регионална бизнис-мрежа, која преку заедничко дејствување на шесте стопански комори од Западен Балкан може да даде значителен придонес во процесите на економска интеграција и застапување на интересите на компаниите од регионот“, информира Стопанската комора.

Изразена е заедничка подготвеност за продлабочување на соработката преку реализација на нови заеднички проекти меѓу Стопанската комора на Македонија, Еурочамберс и стопанските комори од Западен Балкан, со цел размена на добри практики, зајакнување на институционалните капацитети и отворање нови можности за компаниите во рамките на европскиот економски простор.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ