Барањето е поднесено согласно член 129 став 2 од Деловникот на Собранието, при што се предлага Комисијата за финансирање и буџет, како матично работно тело, да ја организира јавната расправа.
Од асоцијациите сметаат дека примената на оваа демократска алатка ќе овозможи претставниците на индустријата и вработените во легалните објекти да ја споделат својата експертиза и професионално искуство со пратениците. Според нив, неопходно е во законодавниот дом да се соочат аргументите, а јавноста да добие точна слика за можните последици од усвојувањето на предложениот закон.
Тие посочуваат дека подолг период игрите на среќа се предмет на негативни кампањи и клевети, при што, како што наведуваат, легалните објекти не претставуваат закана за младите. Наместо тоа, предупредуваат дека евентуални рестриктивни решенија би можеле да придонесат за раст на нелегалното организирање игри на среќа, надвор од институционална контрола.
Од АПИС и АСОМ истакнуваат дека е неодговорно да се донесе законско решение без широка дебата, посочувајќи дека последиците би можеле да бидат долгорочни и тешко поправливи. Тие додаваат дека, како значаен приватен работодавач во државата, со членки кои имаат и капитал од Европската Унија, и како компании кои учествуваат во хуманитарни активности, донации за здравството, спортот и културата, заслужуваат да бидат слушнати.
Целта, како што наведуваат, е да се изработи одржливо законско решение во согласност со највисоките европски и светски стандарди за организирање игри на среќа.






