петок, 7 ноември 2025
Локални избори 2025

Апасиев: Цела западна Македонија отиде курбан

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, на вечерашната прес-конференција упати жестоки критики кон двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но и кон коалицијата Вреди.

Објавено на

часот

Сподели

„По којзнае кој пат балистичко-врховистичката коалиција потфрли и Вреди ги зафркна ДПМНЕ насекаде каде што очекуваа нивни гласови. За возврат на кусогледоста на Мицкоски, курбан отиде Западна Македонија. Патриоти, продолжете да си го гласате Мицкоски,“ рече Апасиев.

Тој нагласи дека кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ освоил плус 30.500 гласа во вториот круг, што значи 100 отсто зголемување во однос на првиот круг. Според него, тоа значи дека опозициските тенденции веќе се престројуваат зад Левица.

„Ако треба да опишам со еден збор како помина вториот круг, тоа е – ВМРО стагнира, Левица дуплира. Од втора партија на ниво на Скопје, вечерва обзнанувам дека сме прва партија, дури и пред ВМРО-ДПМНЕ во Центар, во Карпош и во урбаниот дел од Аеродром. Дури 66 проценти не излегоа на гласање, тоа е многу неинтелигетно решение. Две третини од скопјани не гласаа, една третина гласаа. Од тие една третина една петина одлучија за сите нас“, рече Апасиев.

 

 

Тој упати порака и до своите членови и симпатизери, нагласувајќи дека Левица водела кампања со скромни ресурси, но со, како што рече, „огромен ентузијазам“.

„Зарем мислевте дека со 16.000 евра на Фејсбук можевме да победиме ламја која вцица милијарда евра на овие избори? Тие ги имаа милијардите, а ние им се спротивставивме само со едно блендирано комбе,“ истакна Апасиев, додавајќи дека партијата успеала да покаже дека вистинската опозиција постои надвор од традиционалниот политички естаблишмент.

Апасиев најави дека Левица ќе бара измени на Изборниот законик и поголема застапеност во Државната изборна комисија (ДИК).

„Ќе имате пекол во Собранието ако не го измените Изборниот законик и ако не ни дадете член во ДИК,“ порача тој.

Притоа, го пофали кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Амар  Мециновиќ, кого го нарече „новото лице на Левица“ и „специјалец што достоинствено ја претставил партијата“.

Мециновиќ, пак, упати благодарност до сите граѓани кои му дале поддршка.

„Мое почитувано Скопје, во изминатите два месеци постигнавме нешто што не можевме ни да замислиме пред два месеци. Во овие 60.000 луѓе го имаме огледалото за иднината на Скопје. Скопје се разбуди и Скопје одлучи дека може да се гласа и да се избере поинаку,“ изјави Мециновиќ.

Тој се заблагодари на сите активисти и волонтери кои, како што рече, „секојдневно биле на терен и го носеле духот на промената“.

 

„Неизмерно сум благодарен на сите наши активисти кои во изминатите два месеци беа на улиците, агитираа кај своите сограѓани и помагаа во нашата кампања. Овој резултат е нивна победа,“ додаде Мециновиќ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ