понеделник, 18 мај 2026

Андоновски – Грикшас: Дигиталната трансформација е основа за економски раст

Дигиталната трансформација и зајакнувањето на соработката во областа на иновациите беа во фокусот на билатералната средба меѓу министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и министерот за економија и иновации на Литванија, Едвинас Грикшас, реализирана во рамки на работната посета на Вилнус.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопштуваат од Министерството за дигитална трансформација, двајцата соговорници ја истакнале важноста на дигитализацијата како двигател на економскиот раст и разговарале за можностите за продлабочување на соработката преку размена на искуства, знаење и заеднички проекти.

На средбата било истакнато дека дигитализацијата претставува еден од клучните двигатели на економскиот раст, зголемувањето на конкурентноста и модернизацијата на јавниот сектор. Во тој контекст, двајцата министри разговарале за литванското искуство во поврзувањето на иновациите, стартап-екосистемот, GovTech-решенијата и јавните политики, како важен модел за забрзување на дигиталната трансформација.

„Дигиталната трансформација ја гледаме како основа за економски раст, поконкурентни компании и поефикасни институции. Литванското искуство во поврзувањето на иновациите, стартапите, GovTech-решенијата и јавните политики е особено значајно за Македонија, бидејќи ни отвора простор за конкретна соработка, размена на знаење и пилот-проекти што можат да дадат директни резултати за граѓаните и економијата“, истакнал министерот Андоновски.

Посебен акцент бил ставен на улогата на Министерството за економија и иновации на Литванија во поддршката на дигиталната економија, иновациската политика и развојот на технолошките компании.

„Министерот Андоновски истакна дека Македонија ја гледа дигиталната трансформација како стратешки процес кој треба да донесе поефикасни јавни услуги, подобро управување со податоци, поголема интероперабилност меѓу институциите и посилна поддршка за иновации и нови технологии“, пишува во соопштението од МДТ.

На средбата биле разгледани и можностите за конкретна билатерална соработка во областа на GovTech, развој на AI sandbox-модели, како и подготовка на пилот-проекти што би можеле да бидат применливи во Македонија.

„Беше предложена и техничка размена меѓу двете министерства, со фокус на иновациска политика, дигитална економија и практични решенија за дигитализација на јавниот сектор. Двете држави веќе соработуваат во пилотирање на решенија за граѓаните преку проектот GovTech4All и програмата на Дигитална Европа“, наведуваат од министерството.

Во рамки на посетата, министерот Андоновски остварил средба и со министерот за надворешни работи на Република Литванија, Кештутис Будрис.

Како што пренесуваат од министерството, на средбата министерот Андоновски ја истакнал важноста реформските чекори што ги презема Македонија во дигиталната агенда, јавната администрација и развојот на дигиталните услуги да бидат видливи и препознаени во регионалните и европските процеси, вклучително и во контекст на Планот за раст, Реформската агенда и евроинтегарциите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ