Притоа најголем дел од спорните точки се поврзани со евалуацијата на понудите. Токму затоа Министерството веќе презеде мерки, кои дадоа и први конкретни резултати – за помалку од шест месеци го зголемивме резултатот во системот на интегритет од 34,2 отсто во 2024 на 66,15 отсто во 2025 – истакна денеска министерот Азир Алиу на настан посветен на дијалог за зајакнување на антикорупциските мерки во јавните набавки, организиран од Центарот за граѓански комуникации.

Во истата насока, појасни министерот, е и тригодишната набавка на лекови за ретки болести, која носи континуитет за пациентите и подобро планирање за доставувачите.
„Нашата цел е здравството да не биде само под државниот просек, туку да стане пример за законитост, предвидливост и доверба. Како дел од реформите, во новиот Закон за лековите се предвидени поефикасни процедури за одобрување и регистрација на лекови, модернизација на системот, скратување на времето за нивна достапност и воспоставување механизми за следење на снабдувањето, со цел спречување евентуален недостиг. Воедно, дигитализацијата останува важен сегмент во зајакнувањето на транспарентноста. Креиран е и нов јавен портал за донации, како и онлајн-платформа за анонимно пријавување неправилности и корупција во здравството, што овозможува зголемена доверба на граѓаните и поефикасна заштита на јавниот интерес“, додаде Алиу.






