Кога интелектуалците во Унгарија системот на сменетиот премиер Виктор Орбан го нарекуваа „мафијашки“, странските набљудувачи тоа често го слушаа со скепса. Меѓутоа, во текот на шеснаесет години имаше повеќе моменти кога тоа стануваше очигледно. Еден таков момент беше во ноември 2018 година – бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски во Унгарија, пишува Дојче веле.
Непосредно пред да почне со издржување на затворската казна поради корупција, пријателот на Орбан, Груевски, избега во Албанија. Оттаму, како што тогаш истражи Дојче веле, унгарски дипломати во една ноќна и тајна операција илегално го префрлиле преку Црна Гора и Србија во Унгарија. Таму веднаш добил политички азил – во земјата во која бегалците поради строгата миграциска политика на Орбан речиси и немаат никаква шанса да добијат заштита.
Груевски – само еден од многутемина
Груевски, кој во својата земја и натаму е симбол на корупцијата, е само најпознатиот во низата слични случаи. За време на премиерот Орбан, Унгарија стана безбедно засолниште за многу нему блиски политичари, кои поради корупциски афери во своите земји имаа проблеми со правосудството или веќе беа правосилно осудени.
Во декември 2024 година политички азил во Унгарија доби поранешниот полски заменик-министер за правда Марцин Романовски, по кого беше распишана потерница. Во ноември 2025 во Унгарија избега и неговиот поранешен шеф, некогашниот министер за правда Збигњев Зиобро. Тие двајца политичари, кои до декември 2023 беа дел од десно-конзервативната влада во Полска, се бараат поради обвиненија за корупција и против нив се распишани потерници.
Исто така, повеќе политичари од унгарското малцинство од Романија и Украина во изминатите години се засолнија во Унгарија. Во повеќето случаи Орбан или други членови на владата тврдеа дека постапките против нив се политички мотивирани.
„Унгарија не е депонија за криминалци“
Новата унгарска влада сега сака да се ослободи од нив. Веќе во јануари 2026, кога се дозна дека Зиобро добил азил во Унгарија, Петер Маѓар и неговата партија Тиса, победници на парламентарните избори на 12 април 2026, порачаа: „Унгарија нема да биде засолниште за странски криминалци.“ Се чини дека Маѓар сега сака тоа да го спроведе во дело.
На конференција за странски новинари одржана во понеделникот попладне на 13 април, одговарајќи на прашање на полската телевизија ТВН, Маѓар рече дека неговата влада ќе ги екстрадира Романовски и Зиобро во Варшава.
„Им предлагам повеќе да не одат во Икеа и да не купуваат мебел, затоа што тука нема уште долго да останат“, рече Маѓар. „Унгарија не е депонија за меѓународно барани криминалци. Ќе најдеме начин, доколку сами не заминат, да ги екстрадираме во Полска.“ Изречно, по име, го спомена и поранешниот македонски премиер Груевски.
Во Полска и Македонија изјавата на Маѓар веднаш стана главна тема во медиумите и меѓу политичарите.
Каде е Груевски?
„Во Северна Македонија планот на Маѓар за екстрадиција предизвика вистинска политичка бура“, пишува Дојче веле.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој го наследи Груевски на чело на десно-конзервативната партија ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека неговиот претходник по враќањето во земјата би морал во затвор.
Груевски, кој беше премиер од 2006 до 2016 година, правосилно е осуден на девет години затвор поради корупција. „Ако Никола Груевски се појави во Македонија и постои правосилна пресуда, безбедносните служби ќе го уапсат и ќе го спроведат на издржување на казната“, рече Мицкоски во вторникот на 14 април.
Мицкоски и Груевски некогаш беа партиски сојузници, но нивните односи со години се затегнати. Уште во 2023 година се појавија шпекулации дека тогашната социјалдемократска влада се обидела да постигне договор со Груевски за негово враќање – сè со цел да ја ослаби позицијата на Мицкоски во опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред изборите во 2024.
Тој договор пропадна затоа што власта не успеа да му обезбеди амнестија на законски начин. Сега и лидерот на македонските социјалдемократи Венко Филипче изјави дека екстрадицијата на Груевски би била добредојдена.
Самиот Груевски сè уште не се огласил. Не е познато каде се наоѓа во моментов, бидејќи живее многу повлечено. Последен пат беше виден во октомври 2024 година во еден ресторан во центарот на Будимпешта, пишува Дојче веле.
Бегство во САД?
Полскиот премиер Доналд Туск за случаите Романовски и Зиобро изјави: „Се надевам дека наскоро на тие двајца господини ќе можам да им кажам: Добредојдовте во Полска.“ Додаде дека за тоа разговарал со Маѓар уште пред изборите.
Во интервју за телевизијата Полсат њуз во вторникот на 14 април, Зиобро рече дека секогаш е подготвен „да се бори за вистината“, дури и „од затворска ќелија“. Не откри дали и кога ќе ја напушти Унгарија. Романовски во соопштение наведе: „Нема да ѝ помагам на владата на Доналд Туск, нема да ѝ ги откријам ни своите планови, ни новата адреса.“
Според полските медиуми, Соединетите Американски Држави најверојатно се ново засолниште за нив двајцата, бидејќи нивната партија Право и правда одржува блиски врски со движењето МАГА. Нивните пасоши им се одземени во Полска, но во Унгарија би можеле да добијат т.н. Женевски пасош – патна исправа за бегалци.
Брзо подобрување на односите со Полска
За идната влада на Петер Маѓар, екстрадицијата на Романовски и Зиобро во Полска би имала големо симболично значење – и би претставувала политички пи-ар потег речиси без ризик.
Маѓар сака брзо да ги подобри билатералните односи што Орбан ги наруши и се надева на силна поддршка од Полска во Брисел за Унгарија да добие одмрзнати средства од Европската Унија, кои се од клучно значење за ослабената економија на земјата. Неговата прва официјална посета како премиер ќе биде токму во Полска.
Од друга страна, и за полската влада новите власти во Унгарија имаат големо значење, бидејќи десно-конзервативниот претседател Карол Навроцки, сојузник на Орбан, саботира многу од реформите на владата на Доналд Туск и настојува да ги врати десничарските популисти на власт.






