Со едногласна поддршка Комисијата ја усвои и процедурата за прекувремена работа, со која се уредува начинот на исплата на додаток на плата, како и остварување право на слободни часови или денови за вработените, особено во периоди со зголемен обем на работа, вклучително и за време на изборни активности.
Во рамки на седницата беше усвоена и процедурата за отсутност на вработените од просториите на ДИК за време на работното време, со цел стандардизирање на постапките и усогласување со законските измени и систематизацијата во Комисијата.
Членовите на ДИК го усвоија и Акцискиот план за унапредување на родовата перспектива во работата на Комисијата како и Програмата за обуки на раководството и вработените во ДИК за 2026 година, со посебен акцент на заштитата на личните податоци.
Во рамки на точката „разно“, од ДИК информираа дека интензивно се работи на решавање на проблемот со исплатата на надоместоците на членовите на избирачките одбори, при што беше нагласено дека обврската за исплата припаѓа на општините, согласно законските и подзаконските акти.
Од Комисијата најавија продолжување на активностите и средби со надлежните институции со цел што поскоро решавање на овој проблем.






