вторник, 21 април 2026

Алиу: Меџити и Касами ќе бидат копретседатели на партијата Вреди, вицепремиерот Фетаи не оди на работа

Политичката партија Вреди ќе има двајца копретседатели, двајца заменик-претседатели и секретар, најави Азир Алиу, министер за здравство. Тој во интервју за „360 тепени“ на МРТ 1 изјави дека вицепремиерот Арбен Фетаи не оди на работа ниту, пак, на седници на Владата.

Објавено на

часот

Сподели

Петмината во раководството на новиот политички субјект, кој ќе биде промовиран на 9 мај, доаѓаат од петте различни политички партии во коалицијата која ќе стане една партија.

„Во моментот работна група од 5 луѓе работи на статутот на политичката партија Вреди, органограмот и на предизвиците што ќе ги има партијата во иднина“, рече Алиу.

Тој вели дека од она што досега е познато, првите двајца луѓе што ќе раководат со Вреди од позиција на копретседатели на политичката партија се градоначалниците на Општина Чаир и на Општина Тетово, Изет Меџити (Демократско движење) и Билал Касами (Беса).

„Навистина длабоко работиме заради две причини. Првата причина е бидејќи ваков модел на политички партии е несвојствен за балканските земји поради тоа што нема да има еден претседател на партија, туку ќе бидат двајца“, рече Алиу.

Тој додава дека структурата на Вреди се организира од 5 политички партии, па секоја од нив ќе има по еден претставник во раководството.

„Ние ќе имаме заменик-претседател. Исто така и Беким Ќоку (Самоопределување) ќе биде заменик-претседател. Значи, двајца. Потоа ќе имаме секретар којшто ќе биде од Алтернатива. Ќе имаме структура којашто ќе ја предводат различни луѓе од различни профили, но следиме и сме многу претпазливи за сите 5 институции во моментот да имаат по 20 отсто во секој дел од раководството на политичката партија“, рече Алиу.

Од структурата од која доаѓа Азир Алиу (некогашна Алијанса за Албанците), позицијата заменик-претседател би требало да ја добие пратеничката Мимоза Муса, додека пак политичката партија Алтернатива, од чии редови доаѓа претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали ќе ја добие позицијата секретар во Вреди.

Промоцијата на новата политичката партија се најавува за на 9 Мај, Денот на Европа. Алиу е оптимист дека за многу брзо време ќе пристигнат првите резултати во врска со пристапниот процес на Македонија кон Европската Унија. Оптимизмот го темели на тоа што ресорните министри на дневно ниво работат на оваа проблематика, а на неделно ниво се одржуваат брифинзи за тоа до каде е Македонија во процесот.

Тој во интервјуто потврди дека во последниот период не разговара со својот колега, вицепремиерот за политики за добро владеење и транспарентност, Арбен Фетаи, поради тоа што „тој не е тука“ и „не доаѓа на седници на Владата“, но рече дека неговото отсуство не се должи на здравствени проблеми.

На прашањето зошто не доаѓа на седниците на Владата, Алиу изјави дека не знае и оти не е информиран за причините.

Алиу истакна дека постоеле несогласувања на Арбен Фетаи во однос на политиките на Вреди и Владата, но оти тие биле решени во рамките на коалицијата и дека во политиката е потребно секој да внесе енергија, знаење и промени, а кога некој не се чувствува како дел од една група, тогаш легитимно е да се разделат.

На прашањето дали се очекува смена на Фетаи во идната реконструкција на Владата, Алиу рече дека во моментот како Вреди работат на дефинирање на органограмот, сега веќе како политичка партија и сѐ уште не се стигнати до нивото на анализа на перформансите на директорите, замениците, министрите и перформансите во Владата во целина за секоја политичка партија, која е дел од Вреди.

Инаку, Арбен Фетаи и Азир Алиу се одвоија од крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари кога тој во мај 2025 година реши да ја напушти власта. Фетаи остана вицепремиер, а Алиу го наследи Таравари на функцијата министер за здравство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ