„Да ја оставиме политиката настрана. Тука се предметите тука се обвинителите нека кажат дали некогаш сум им сугерирал да донесат некаква одлука. Ниту како шеф на Вишото јавно обвинителство ниту сега на она за гонење организиран криминал на ниеден обвинител не сум му сугерирал или влијаел како да одлучува по било кој предмет. Никогаш не сум ја загрозил самостојноста на обвинителите“, изјави Абази.
Реакцијата на Абази следува по денешната прес-конференција на Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој го обвини раководителот на ОЈО ГОКК дека донел, како што оцени, „контроверзна наредба“ за запирање на постапката за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, вредна 167 милиони евра. Милошоски тврдеше дека Абази постапувал под политичко влијание и дека со одлуката биле ослободени од одговорност лица блиски до партии од поранешната власт.
„Абази, соседот на Али Ахмети од Зајас, си ја одработува добиената функција шеф на ОЈО ГОКК, и по насока на триото Филипче, Ахмети и Заев, донесе одлука да се запре судска постапка во која осомничени меѓу другите беа и членот на СДС и бегалец од правдата Васко Ковачевски, и синот на пратеник од ДУИ, Асмир Јахоски и Ратко Капушевски. Целата јавност во овој скандалозен случај, виде перење на пари, криминал и труење на животната средина, само Ислам Абази не виде ништо. Постапката е запрена. Бегалецот е слободен. Довербата во правосудството од два проценти, со обвинители како Ислам Абази ќе падне и на еден процент. Пред неколку часа дознавме дека постапката против Васко Ковачевски и другите, за набавка на мазут е запрена. Обвинителството вели дека немале докази, но зарем бегството на Васко Ковачевски не е доказ или силна индиција дека осомничениот бега од правдата?Ковачевски не е во Македонија. Побегна кон крајот на 2024 година и оттогаш за органите на прогонот не е достапен. И наместо тоа да биде дополнителна индиција и мотив Обвинителството да го води овој случај, за обвинителот Абази тоа стана решение да го затвори овој случај. Нема присутен обвинет, нема водење на постапка, особено не ако припаѓаат на спонозорите на Ислам Абази. Ова е трагичната шема по која работат остатоците од власта на СДС и ДУИ во судството и обвинителството“, рече Милошоски.
Поради ова, ВМРО-ДПМНЕ го повика Абази веднаш да поднесе оставка, „и да ја остави работата на професионалците, коишто поради таквите обвинители како него, не можат да дојдат до израз во правосудството“.
И.О.