Слично како и во драмите, Чехов во своите раскази и новели не носи големи настани ниту големи исклучителни ликови кои во општеството настапуваат гласно и со врева. Фабулите се многу едноставни, бидејќи Чехов настојува да предизвика впечаток, расположение, атмосфера; тој создава расположенија околу ликовите во кои тие целосно се објаснуваат. Поради тоа секогаш е содржаен, а обилно се служи со пејзажите и лирските дигресии. Затоа може да се каже дека и во расказите тој одгледува еден импресионистички стил. И покрај тоа што фабулите на неговите раскази се едноставни, со атмосферата што Чехов мајсторски ја плете околу нив, тие секогаш се интересни и примамливи за читателот. Во нив доаѓаат до израз суптилните односи меѓу ликовите, нивните размислувања, расположенија, таги и радости. Она што е карактеристично за расказите на Чехов, и според што тие се распознаваат како автентични „чеховски“ раскази, е секогаш присутната блага иронија и тагата, што како едно нераскинливо чувство, како аура, ги обвива сите нив, пишува меѓу другото Аполон Гилевски, во поговорот на изданието.
„Матица македонска“, веќе триесет и петта година, постојано се залага, на македонските читатели да им бидат достапни највредните дела од странските и македонските автори, вклучително и од класиците. Ова издание е едно од илјадниците книги на книгиздавателството што се резултат на оваа заложба.
Изданието со избраните Раскази на Чехов е достапно во книжарниците на „Матица македонска“.






