На изложбата се претставени дела на 15 интернационални уметници, селектирани на отворен конкурс од кураторот Пјетро дела Џустина и неговиот асистент Лука Џенати.
Во обраќање, Џустина истакна дека изложбата била замислена пред пандемијата на коронавирусот, што ја отежнала целокупната реализација, но и во такви тешки пандемски услови проектот е успешно завршен благодарение на луѓето кои учествувале во креирање на изложбата, но и самите уметници. Станува збор за мултидисциплинарен проект, појасни, што вклучува поголем број техники.
„Градот Скопје е составен дел од овој меѓународен проект, CreArt мрежата на градови за уметничко творештво, што во изминативе четири години ги искористивме сите одговорни потреби што ги спроведуваат европските градови и ги донесовме во Скопје“, рече на отворањето на изложбата градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
Проектот CreArt e мрежа на европски градови што обединува 12 такви градови и ги вклучуваат сите јавни и приватни културни институции. Изложбата веќе беше претставена во Авеиро, Португалија и Џенова, Италија, што се исто така дел од мрежата. Во Скопје изложбата останува отворена до 3 август 2021 година.






