Од Националната галерија информираат дека на изложбата ќе бидат застапени повеќе од 100 автори со околу 150 ликовни дела (слики, акварели, цртежи, графики и скулптури) подарени и откупени во периодот од 1948 до 1951 година.
„Изложбата претставува уште едно потсетување на успешните работни почетоци на галеријата и на огромниот вложен напор на тимот кој тогаш ја водел Уметничката галерија (Борко Лазески и Никола Мартиноски), Комисијата за откуп на ликовни дела чии членови биле нашите извонредни познавачи на уметноста и ликовни авторитети – Димче Коцо, Лазар Личеноски и Димо Тодороски и државните институции кои несебично и со голема одговорност дале поддршка и придонеле тогашната Уметничка галерија да прерасне во храм на уметноста и двигател на културниот живот во Македонија. Во овој период направени се трите најзначајни чекори во постоењето на оваа институција: „Даут – пашиниот амам“ е адаптиран во галериски простор, формирана е богата галериска збирка и отворена е првата поставка од ваков вид во Македонија“, посочуваат од Национална галерија.
На 2 август 1951 година, на свеченото отворање на Галеријата биле изложени дела од современата македонска уметност, дела од современата југословенска уметност, икони од 14 до 20 век, копии од фрески и макети од македонските средновековни цркви.
Погледот кон периодот на почетоците од формирањето на првата Поставка во тогашната „Картина” или „Уметничка”, а денес Национална галерија на Република Северна Македонија, навидум временски краток, но долг и богат, професионално претставува потсетување за вложениот напор, но и на резултатите кои се за почит и никогаш не треба да бидат заборавени.
Куратори на изложбата се Славица Алексоска, Маја Чанкуловска Михајловска и Маја Неделкоска Брзанова.






