Видеата се подготвени во рамките на програмата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, која е дел од Календарот на значајни јубилеи поддржани од УНЕСКО, а по повод одбележувањето на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на поетот, македонист, академик и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик.
Министерката за култура Ирена Стефоска нагласи дека со сите активности што досега се реализираа, а и со оние што следуваат, допрва сакаат да постигнат една основна цел.
„Сакаме да ги зачуваме и да ги пренесеме на идните поколенија неговите постигнувања, стремежот кон извонредност во науката и во лингвистиката, неговата теориска и филозофска мисла, неговата уметност во поезијата и сето тоа што е целосно и темелно посветено на македонскиот јазик, книжевност и воопшто на македонската култура“, истакна Стефоска.
Министерката за култура се осврна на се што создал големиот Конески, во книжевната наука, во лингвистиката, во поезијата, во фолклористиката, во славистиката… Сето тоа, како што рече, покажува дека тој бил мислител што успевал секогаш со едноставен јазик да ги искаже есенцијалните нешта на нашиот културен индентитет.
„Тој е човекот што суштински придонесува македонскиот јазик и македонската книжевност да станат дел од, како што вели самиот, светскиот литературен процес“, рече Стефоска, која пред присутните прочита извадок од есејот „Мигот” од Блаже Конески.
Посетителите проследија кратко видео за животот, делото и творештвото на Блаже Конески, збогатено со изјави на негови студенти, колеги, соработници…






