петок, 22 мај 2026

Писмо – Блаже Конески

Објавено на

часот

Сподели

Писмо

 

Ти за цел живот мене

најарен другар ми си —

детството штом ќe го спомнам,

јас тогаш за тебе мислам.

 

Игрите едни ни беа

и едни дните бели,

дури не дојде денот

и деца нас нѐ дели.

 

Далеку еден од други,

идеа писма често —

но само едно го думам

ко звук од полноќна песна.

 

И кога првпат го четов,

непознат оган ме згоре —

ми беше блиско а чудно,

и нов ми звучеше зборот:

 

„Јас сакам секогаш тебе

мил другар да те сретам.

3атоа работи и ти

да стане поубав светов”.

 

Друже, да знаев тогаш

дека во борба ќe зrаснеш,

на зборот твој би ја сетил

силата дивна и јасна.

 

Јас после често сум паѓал,

јас немав срце крепко,

но пак сум наоѓал сили

сонцето за да го сретам.

 

И кога в мрак сум тонел

— не можам просто да мислам! —

о колку страшно ми ѕвонел

зборот од твоето писмо.

 

Не. Нема да ја скршам

твојата силна клетва.

Јас ќe се борам, друже,

да стане поубав светов.

 

Ти не си за мене мртов.

Ти в спомен живееш свиден.

И дури денеска можам

твој верен друrар да бидам.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ