понеделник, 20 април 2026

Објавена книгата „Средби и разговори“ од Томислав Османли

Објавено на

часот

Сподели

Во интересните искази на театарскиот ветеран уште од времето на патувачките трупи, и филмски првенец Петре Прличко, академскиот сликар педагог и академик Вангел Коџоман, големиот муралист и сликар Борко Лазески, нашиот најистакнат копаничар Славе Атанасоски-Крстанче, пионерот на македонскиот филмски документаризам и фотографија Благој Дрнков и доајенот на професионалната театарска сцена Тодорче Николовски, дефилираат возбудливи животи, пионерски придонеси, културно и национално клучни или барем бележити епизоди на соговорниците, но и бројни ликови како на значајни, така и на подзаборавени и денес малку познати личности со кои се вкрстувале животните врвици на шестмината творци.

Книгата „Средби и разговори“ е своевидна временска капсула, зашто низ изворна реч и сведоштва на шестмина од редот на нашите најзначајни уметници и дејци кои, одамна веќе, заминаа на онаа страна од македонскиот дел на културната вечност, се реконструира сликата на личниот ентузијазам, вриежот на историските времиња, пречките на кои наидувале низ своите животни врвици, анегдотите, ризичните, но и среќните игри на случаи, како и полетот со кој го пробивале патот на своите врвни уметнички кариери…

„Средби и разговори со дојените на нашата уметност“ е пријатно, но и возбудливо четиво какво што може да го напише животот во историски времиња. Таа е сведоштво за тоа како личните креативни постигања се вградувале во општата вредност на македонската национална култура во новоформираната државност и дел од културниот идентитет кој не престанува да трае.

Книгата – која е издание на „Авант прес“ од Скопје чиј главен уредник е Горјан Лазаревски – ликовно и графички ја уреди Симе Шундуловски, лектурата која исцело внимаваше на изворниот говор и изрази на дамнешните соговорници, ја реализира Елизабета Конеска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ