петок, 22 мај 2026

Книга за македонската литература од познатиот руски славист Ала Шешкен

Објавено на

часот

Сподели

Во првиот дел од книгата Ала Шешкен објавува студии за Блаже Конески, за улогата на фолклорот во неговиот уметнички свет, како и за творечките релации на големиот македонски поет со руската литература.

Ала Шешкен во посебен оддел се задржува на значењето на книгата „Освојување на реалноста“ од академик Милан Ѓурчинов за проучувањето на почетоците и развојот на македонската литературна критика.

Најголемиот дел од книгата е посветен на развојните процеси на македонската литература во дваесеттиот век, со акценти на тематските и стилските особености  во делата на десетици македонски писатели кои оставиле впечатливи траги во доменот на  поезијата, прозата и драмата. Со ваквиот научен пристап книгата претставува своевидна историја на македонаката литература во минатиот век.

Ала Шешкен како славист и компаративист долги години е промотор на македонската литература во Русија. Автор е на над 200 научни трудови. Со своите истражувања таа ги поставува темелите на систематското концептуално предавање и проучување на македонската литература на Универзитетот „Ломоносов“ во Москва. Држи предавања и специјални курсеви од историјата на македонската литература, култура и македонската литературна критика на катедрата за словенска филологија при филолошкиот факултет на Универзитетот „Ломоносов“.

Ала Шешкен е член на Македонската академија на науките и уметностите од 2007 година. Добитник е на меѓународното признание „Блаже Конески“ во 2015 година, за придонес во проучувањето и афирмацијата на македонската литература и македонскиот јазик. Добитник е на наградата „Почесно Рациново признание“ (2021).

Ала Шешкен долги години е активен учесник на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Со своите студенти таа учествува во работните сесии и на годинашниот Семинар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ