Изложбата претставува веќе традиционално годишно собирање на членовите на фото клубот „Елема“, кои се претставуваат пред јавноста без тематски ограничувања, без зададени форми и без очекувања да се вклопат во стандардните фотографски клишеа.
Секој автор добива симболичен простор од еден квадратен метар – доволно за да се изрази, а истовремено доволно ограничено за да ја поттикне креативноста. Тој квадратен метар може да биде исполнет со фотографија, видео, инсталација… Границите се поставени само физички, додека идејно се целосно отворени.
– „Квадратен метар“ е, на крајот, повеќе од мерка на простор. Тоа е мерка на слобода – и токму тоа е суштината на оваа изложба, истакнува фотографот Боро Рудиќ.
Изложбата беше отворена вчера, а во галеријата „Рудиќ“ ќе може да се посети до 28 октомври.






