Изложбата ја отвори градоначалникот на Кратово Тодорче Николовски кој во своето обраќање изјави дека културните збиднувања се многу важен елемент од општественото живеење, затоа тие завземаат значаен дел од неговата програма за работа, бидејќи се нужно потребни за градот.
„На Кратово како жив музеј му прилегаат вакви настани, затоа силно го поддржуваме во интерес на збогатен културен живот на нашите граѓани“, рече Николовски.
На изложбата со вокални изведби од Посавина – Хрватска се претставија и уметниците на ансамблот „Македонија“ од Скопје.
„Идентитетот на еден народ се темели на фолклорот, традицијата, песната, орото, носијата. Вечерва имаме ретка можност да ги претставиме балканските народи преку нивната носија прикажани на оваа ревија овде во градот на кулите и мостовите што за нас претставува вистинско задоволство. Оваа изложба е дел од Меѓународната ревија на народни носии, проект, поддржана од Министерството за култура“, изјави д-р Владимир Јаневски, редовен професор на катедрата за етнокореологија на музичката академија во Штип и менаџер на ансамблот „Македонија“.
Изложбата е отворена за посетители до 30 ноември.





