понеделник, 17 ноември 2025

Иванка Апостолова Басакар е добитник на наградата „Ладислав Баришиќ“

Добитник на наградата „Ладислав Баришиќ“ на Здружението на ликовни критичари AICA Македонија, годинава е д-р Иванка Апостолова Баскар за истражувачкиот проект Вознемирен критичар – Вознемирувачка критика – Немирна ликовност. Одлуката на членовите на комисијата, Елена Велјановска, Горанчо Ѓорѓиевски и Зоран Петровски, беше едногласна.

Објавено на

часот

Сподели

Во донесувањето на одлуката, Комисијата констатираше дека по 10 години од востановувањето на оваа награда, предлогот на д-р Иванка Апостолова Баскар е всушност прв предлог за труд којшто поаѓа од историјата на критиката во Македонија, видена низ призма на значењето на критичката активност на Ладислав Баришиќ во чија  чест е насловена годишната награда на AICA Македонија. Врз таа основа, Иванка во својот предлог најавува анализа на изборите и ставовите во критичките текстови на Баришиќ, поставувајќи притоа и редица отворени прашања, кои што се релевантни за критиката и нејзините релации со уметноста денес.

Видео есејот со којшто Иванка планира да ни го претстави во завршна форма својот труд, како што се вели во образложението на предлогот, вклучува и компаративна метода за значењето на критиката низ живи сведоштва со „серија на стручни интервјуа со историчари на уметност, критичари, ликовни кустоси и куратори, живи уметници – практичари за чии опуси критички премислувал и делувал Баришиќ“. Поаѓајќи од таа динамично сфатена историска перспектива, предлогот на Апостолова Баскар е замислен да се развие во инвентивен и провокативен „истражувачки ликовен есеј проследен со наменски контекстуални теренски фотографии, адаптирано сценарио и финален видео есеј – како визуелен апендикс на истражувачкиот, креативниот и трансформативниот процес, кој води до финалниот видео резулат“.

Во дел од коментарите на членовите на Комисијата беше истакнато дека „истражувањето ќе биде интересно и за помладите генерации, а ќе го постави и прашањето зошто наградата го носи ова име воопшто, но и за нејзиното значење и дека тоа може да биде убав историски документ.“ Исто така, еден од коментарите забележува дека „Иванка поставува редица прашања, но веројатно и ги има одговорите и без оглед на тоа како таа ќе го сработи своето најавено истражување, таа е тематски до сега најблиску до целите на оваа награда. Прашувајќи се притоа ‘Дали стручната критика е застарена форма и експресија?’ предлогот на Иванка нуди теми за занимлива натамошна дискусија.“

Имајќи ги предвид овие добро поставени и елаборирани концептуални и методолошки пристапи во предлогот на Иванка Апостолова Баскар, Комисијата сметаше дека треба да ѝ ја даде довербата во реализацијата на нејзината замисла, надевајќи се дека успешно ќе ги оствари своите амбициозно поставени цели и уште повеќе да го разбуди полемичкиот дух и потребата за конструктивен и плоден дијалог меѓу членовите на Здружението, но и да го сврти вниманието на пошироката уметничка и друга стручна заедница и заинтересирана публика кон прашања кои ветуваат поголема присутност на уметноста и улогата на критиката во културните и општествени процеси.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ