„Едиуно игратон е предизвик инспириран од желбата да поттикнеме учење преку игра и да ве запознаеме со некои од нашите омилени активности од отворената библиотека со едукативни активности на платформата Едуино ран детски развој. Оваа платформа се фокусира на социо-емоционалниот развој на децата од 3 до 10 години и е дел од колективниот портал Едуино, во реализација на СмартАп – лабораторија за социјални иновации“, изјави Милена Игњатова, проектен менаџер на Едуино.
Во предизвикот може да учествуваат сите деца од 3 до 10 години заедно со нивните родители/старатели во домашни услови, воспитувачи во градинка и одделенски наставници во училиште. За учество не е потребна претходна пријава, треба само да го пополните формуларот со поднесување на вашата реализација на активноста преку фотографија и/или видео од изработката и играта и јавна објава на социјалните мрежи (Фејсбук/Инстаграм). Деталните насоки за учество, листата на активности и предизвици, како и формуларот за пријава можете да го погледнете на линкот.
„Одбраните активности за предизвикот не поттикнуваат компетитивност поради тоа што секој процес на изработка од страна на децата и поддршката од возрасните е подеднакво вреднуван. Како дополнителна мотивација, за креираните изработки на предизвикот, ќе има симболични подароци за најсреќните учесници кои ќе бидат извлечени на лотаријата која ќе се одржи на 30ти ноември. Овие подароци се иницијатори на нашата желба и понатаму да го поттикнеме учењето преку игра како и да ги мотивираме нашите учесници да реализираат што повеќе активности“, вели Соња Чаловска, координатор на Едуино игратонот.
Колективниот портал Едуиное отворена библиотека на дигитални едукативни материјали на видеолекции, ресурси, игри и едукативни активности за поддршка на воспитно-образовниот процес. Библиотеката на платформата Едуино ран детски развој содржи активности наменети за учење и игра, кои се креирани од страна на голем број посветени едукатори ширум државата. Игровните активности даваат можност за забавно поминато време во домашни услови, креирање на еден поразличен час во училиште или збогатување на игровните активности во градинките.
Проектот „Едуино: Колективно подобрување на образованието преку ко-креирање и иновации“ е финансиран од Владата на Обединетото Кралство преку Амбасадата на Велика Британија во Скопје, со поддршка од Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Министерството за образование и наука (МОН) и УНИЦЕФ, а е во сопственост на Бирото за развој на образование (БРО). Проектот го спроведува СмартАп – лабораторија за социјални иновации.





