понеделник, 17 ноември 2025
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Многу врева за ништо: уште една Нобелова награда за војна

Напливот на гневни, (и оправдани) реакции на овогодишната добитничка на Нобеловата награда за мир, Марија Корина Мачадо, зборува помалку за одлуката на Комитетот, отколку за шокот кај пошироката јавност (нашата ја изземам – таа е како анестезирана во најголем број).

Навистина, оваа личност симболизира сè, само не мир: поддржува геноцид и уште повикува на американска воена интервенција против нејзината земја (т.е. влада на чие чело сака да застане). Сепак, лично се чудам што некои се изненадуваат после сите  искуства што ги имаме зад оваа награда. Што очекувале? Да дојде во вистински раце? Добро документираниот историјат покажува дека Нобеловата награда за мир најчесто оди кај контроверзни личности, па дури и воени злосторници, опортунсти и (гео)политички „погодни“ личности—чествувани не за морална храброст и посветеност на мирот, туку заради нивната слепа покорност пред западната геополитичка логика. Ретко кој лауреат навистина предизвикал искрен и безусловен аплауз.

Лично, од последните години, можам да се сетам само на еден вистински заслужен лауреат: јапонските хибакуши—преживеаните од Хирошима и Нагасаки. Тие луѓе веќе 80 години работат на будење на светот за ужасот на нуклеарното оружје и нужноста од нуклеарно разоружување. Но дури и овој чин стаса многу доцна, и само како симболичен гест за една генерација која природно исчезнува од овој свет.

А заканата од нуклеарна војна сега е многу поопиплива од кога било порано, благодарение на прокси-војната во Украина. Друг човек кој заслужува целосен респект е Лê Дук Тхо, кој што одби да ја прифати (заедничката) награда со Кисинџер. Во многу случаи, оние кои биле игнорирани од Нобеловиот комитет — т.н. „Клуб на не-лауреати“—го унапредиле човештвото многу повеќе од лауреатите. Нивниот придонес останува непроценлив (Ганди, Толстој, Џојс и многу, многу други познати и непознати). Тие се доказ дека (недобивањето на) наградата никако не ја намалува нивната величина и значење во обликувањето на човечката цивилизација.

Одлуките на Нобеловиот комитет се предмет на обемна анализа и критика. Да се прави тоа сега одново, од случај до случај, би значело подготвеност за валкање на рацете со крвта што лежи закопана во биографиите на многу лауреати. На пример, во 1918 година Нобелова награда за хемија беше доделена на Фриц Хабер, „таткото на хемиските оружја“ за време на Првата светска војна, кој го бранел користењето на бојните гасови како средство за војување за време на целиот свој живот. Дали треба да се спомнат Милтон Фридман или Хенри Кисинџер – и нивните жртви? Едните на доктрината на шокот (и Пиноче и многу диктатори), а другите за валканите војни на Кисинџеровиот „генијален“ геостратешки ум за американската империја.

Но, постуденовојниот период воведе нова пракса, длабоко инспирирана од духот на „крајот на историјата“ на Фукујама: наградата сè почесто завршуваше кај индивидуи без никаква реална врска со мирот. Наместо тоа, почнуваат да се слават дисиденти од незападни системи (погодно означени како „авторитарни“), новинари, феминисти, опозициски движења кои бараат смена на режим, сепаратисти (како Далај Лама) или религиозни фанатици посветени повеќе на смртта отколку на лекувањето, како Мајка Тереза.

Земете го примерот на Малала Јусафзаи—најмладата лауреатка некогаш—чија лична трагедија од Талибанците стана погодна морална легитимација за незаконска (дваесетгодишна) американска интервенција во Авганистан. Години подоцна, како зрела жена во Лондон, Малала отворено признава дека се бори да најде смисла по тоа што беше претворена во икона и лишена од младоста и идентитетот за геополитички цели.

Европската Унија ја доби наградата за „минати достигнувања“—за интеграција на континент во војна—но често се заборава нејзината улога во поттикнувањето на крвавото распаѓање на Југославија. Денес, таа станува сѐ повеќе милитаризирана и суптилно го толерира геноцидот во Газа. Барaк Обама самиот призна дека и самиот не разбрал зошто бил награден, можеби заради тоа што беше првиот Афроамериканец во Белата куќа. Но, наскоро потоа, ги засука ракавите па остави држави и нации во урнатини; Либија меѓу нив, уште ги носи лузните од неговите дела.

Работата е едноставна: политички избран и нетранспарентен комитет, кој се претставува како независно тело, го узурпира и „креативно толкува“ тестаментот на Алфред Нобел. Тој е „модернизиран“ за да се вклопи во неолибералниот светски поредок. Критериумите запишани од Алфред Нобел беа скромни, но јасни: наградата за мир се доделува на оние кои „најмногу придонеле или најдобро работеле за братството меѓу народите, за распуштање на постојаните војски или за нивно намалување, како и за одржување и промовирање на мировни конгреси.“

Најдобрата анализа на лошото управување со Нобеловата награда и злоупотребата на доверените фондови е брилијантно и експлицитно изложена од Фредерик С. Хефермеел во неговата книга „Вистинската Нобелова награда за мир: Пропуштена можност да се укине војната“. Човекот почина пред една година, а вистината (за чие истражување потроши 20 години) го чинеше многу.

Комитетот има право да не ја додели наградата во дадена година (нешто што не е преседан). Можеби ова беше токму таква година. Светот се врати во менталитетот пред Лигата на народите, кога војувањето се сметаше за суверено право. Милитаризацијата достигна гротескни размери, а војните се водат со дронови, сајбер напади и прокси-војски. Ова е мрачно време—време на геноцид. Нема мировни конгреси, освен ако не се сметаат понижувачките собири на послушни вазали како оној во Шарм ел-Шеик, каде лидерите се восхитуваа на Трамп додека собираше медали и ветувања од богати држави кои сакаа да градат одморалишта врз затрупаните тела на палестинските деца.

Некои добронамерници предложија алтернативни номинации (Трамп не можам ни да го спомнам), како за Франческа Албанезе, Грета Тунберг или палестинските новинари, лекари и цивили кои преживуваат нешто што може да се нарече нов Холокауст. Но, Нобеловата награда за мир никогаш не била замислена како утеха за жртвите; таа постои за да ги честува оние кои активно спречуваат војна и страдање.

Да му се додели во вакви компромитирачки околности Нобелова награда за мир на некој со вистинска морална височина би било навреда за нивната храброст и интегритет; таа награда е недостојна за нивните принципи. Меѓу другото, Франческа ја доби алтернативна мировна награда која ѝ одговара совршено, на здружението „Положи го оружјето“, која веќе почнува да се смета за алтернатива на искомпромитираната Нобелова награда.

По сите овие години, заклучокот станува сѐ појасен: Нобеловата награда за мир е една од најголемите фарси на нашето време. Нејзиниот престиж опстојува само поради очајната  желба за мир—желба која нè прави слепи пред фактот дека мирот не е еднодневна прослава, туку дека бара постојана борба. Во свет кој е само 90 секунди пред полноќ на „Часовникот на Судниот ден“, наградата за мир е најмалку важно нешто на што треба да го трошиме времето и гневот.

Позади нејзината златна аура стои околу еден милион евра—пари за кои се вели дека доаѓаат само од каматата на основното богатство на Нобел. Но вистината е дека ова богатство, како и целиот капитал, се репродуцира преку глобалниот капитализам—истиот систем кој е длабоката причина за постоење војни, нееднаквост и сиромаштија. Всушност, заробени сме во самоодржувачки механизам дизајниран да го зачува светскиот статус кво. А притоа, еднаш годишно, некој ќе се „опари“ со еден милион евра за напори за… што и да е!

Зошто тогаш да сме изненадени или лути што оваа или онаа личност ја добила наградата? Ако самиот Нобелов комитет е старечки клуб на мажи, дипломати, политичари и послушни интелектуалци, зошто да му веруваме дека е објективен во која било друга област—литература или наука—каде лауреатите речиси по правило доаѓаат од Запад (најславните универзитети) или се идеолошки прифатливи за него?

Заборавете на Нобел! На светотот не му требаат повеќе милионери во името на мирот. Она што ни треба е  мир: вистински, несебичен, траен мир. Денес имаме деца закопани под урнатини, гладни мајки, осакатени генерации… и мирис на смрт во ноздрите. Не е време за шампањско или лажни солзи и жални зборови. Време е за нов свет на кој нема ни да му треба некаква награда за луѓе кои бараат повеќе војна и тоа го нарекуваат „мир преку повеќе сила“. Си имаме потешки проблеми, а госпоѓата Мачадо не само што својата награда му ја посвети на Трамп, туку и му даде зелено светло да ја започне војната во Венецуела.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Слободан Мартиновиќ

Кога лажните вести маршираат пред студентите

Љубомир Николовски

2027 – Нова ера во европската кошарка?

Ристо Цицонков

Годишниот самит за климатски промени без оптимизам

КПК не се откажува и нема да се откаже од комунизмот

Ѓoрѓи Илиевски

Реформата во образовниот систем и улогата на МОН

Стефан Вељановски

Македонската трговија расте, но нејзините темели остануваат кревки

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ