четврток, 26 март 2026
Џефри Д. Сакс

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Иранскиот сеопфатен мировен предлог до САД

Блискиот Исток стои на раскрсница меѓу бесконечна војна и сеопфатен мир. Рамка за мир постои. Дали САД конечно ќе ја искористат?

Историјата понекогаш носи моменти кога вистината за некој конфликт се кажува доволно јасно за да не може да се игнорира. Обраќањето на иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи на 7 февруари во Доха, Катар, треба да биде токму таков момент. Неговите значајни и конструктивни забелешки беа одговор на повикот на САД за сеопфатни преговори и изложија издржан предлог за мир низ целиот Блиски Исток.

Минатата недела американскиот државен секретар Марко Рубио повика на сеопфатни преговори: „Ако Иранците сакаат да се сретнат, ние сме подготвени.“ Тој предложи разговорите да ги опфатат нуклеарното прашање, воените капацитети на Иран и неговата поддршка за посреднички групи во регионот. На прв поглед, ова изгледа како сериозен и конструктивен предлог, бидејќи безбедносните кризи на Блискиот Исток се меѓусебно поврзани, а дипломатија која го изолира нуклеарното прашање од пошироката регионална динамика тешко може да трае.

На 7 февруари, министерот Арагчи одговори на американскиот предлог за сеопфатен мир. Во својот говор на форумот „Ал Џезира“ тој ја наведе суштинската причина за регионалната нестабилност – „Палестина… е определувачкото прашање на правдата во Западна Азија и пошироко“ – и предложи пат напред.

Изјавата на министерот е точна – нерешавањето на прашањето за палестинската државност ги поттикнало сите големи регионални конфликти од 1948 година наваму. Арапско-израелските војни, порастот на антиизраелската милитантност, регионалната поларизација и повторливите циклуси на насилство произлегуваат од неуспехот да се создаде држава Палестина покрај државата Израел.

Во својот говор Арагчи го осуди израелскиот експанзионистички проект што, како што рече, се спроведува „под знамето на безбедноста“, предупредувајќи и на можноста за анексија на Западниот Брег, за која некои израелски владини претставници постојано повикуваат.

Тој исто така истакна друга суштинска димензија на израелската стратегија – стремежот кон трајна воена надмоќ во регионот – што, според него, бара соседните земји да бидат ослабени воено, технолошки, економски и општествено.

Неказнивоста на Израел придонела за дестабилизација на регионот, поттикнувајќи трки во вооружување, посреднички војни и циклуси на одмазда, како и ерозија на меѓународниот правен поредок.

Во заклучокот од говорот, Арагчи ѝ понудил на САД политичко решение: „Патот до стабилноста е јасен: правда за Палестина, одговорност за злосторствата, крај на окупацијата и апартхејдот, и регионален поредок изграден врз суверенитет, еднаквост и соработка. Ако светот сака мир, мора да престане да ја наградува агресијата. Ако сака стабилност, мора да престане да го овозможува експанзионизмот.“

Таквата рамка би можела да ги адресира сите меѓусебно поврзани аспекти на регионалниот конфликт. Крајот на израелската експанзија и окупација на Палестина и враќањето на границите од 4 јуни 1967 година би можеле да доведат до намалување на надворешното финансирање и вооружување на посреднички групи. Создавањето палестинска држава, покрај Израел, би ја зголемило безбедноста и на Израел и на неговите соседи.

Обновен нуклеарен договор со Иран, кој строго би го ограничил Иран на мирнодопски нуклеарни активности и би бил проследен со укинување на санкциите од САД и ЕУ, би додал клучен столб на регионална стабилност. Иран веќе се согласи на таква рамка пред една деценија со Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA).

Сеопфатниот мир се темели на принципите на модерната колективна безбедност, вклучително и на Повелбата на Обединетите нации. Трајниот мир бара меѓусебно признавање на суверенитетот, територијалниот интегритет и еднаквите безбедносни гаранции за сите држави.

Регионалната безбедност е заедничка одговорност на сите држави во регионот, а овој мировен пристап не е нов. Со децении го поддржуваат Организацијата за исламска соработка и Арапската лига, особено преку иницијативата „земја за мир“ од 2002 година.

САД, според текстот, се соочуваат со „моментот на вистината“ — дали навистина сакаат мир или ќе продолжат да ја следат израелската политика. Во текстот се тврди дека американската политика со децении била под влијание на домашни политички притисоци, лобистички мрежи и стратегиски пресметки.

Сеопфатниот мир, пак, се претставува како ретка можност САД да го корегираат курсот, да ја обноват вистинската дипломатија и да помогнат во создавање стабилна регионална безбедносна архитектура што ќе им користи на сите страни.

Блискиот Исток стои на крстопат меѓу бескрајна војна и сеопфатен мир. Рамката за мир постои — потребни се палестинска државност, безбедносни гаранции за сите, обновен нуклеарен договор, укинување на санкциите, непристрасна примена на меѓународното право и дипломатска архитектура што ќе ја замени воената сила со безбедносна соработка.

Џефри Д. Сакс и Сибил Фарес

Преземено од: Common Dreams

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Цивилизација vs. Варварство: ГЦИ и уништувањето на колевките на човештвото

Александар Стојановски

Иштван Капитани – човек на Кремљ?

Братислав Димитров

Мојата последна средба со Лив Улман

Александар Иванов

Анатомија на новиот глобален поредок: од Донбас до Тајванскиот теснец

Билјана Ванковска

Кон трета светска војна?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ