среда, 19 ноември 2025
Филип Клетников

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Инфлација

Читателите, судејќи по насловот, веројатно би очекувале текст за економијата. И во право се, донекаде, навистина станува збор, но не за онаа пазарно-монетарна економија, туку за економијата во поширока општествена и антрополошка смисла на зборот; би можеле да речеме воопштено, за социјалната економија, или малку попрецизно за социо-интелектуалната економија. Впрочем, ваквото образложение станува уште поприфатливо, доколку зборот економија го преведеме со стариот македонски збор „домостроителство“: устројството на домот.

А денес нашето устројство е растроено повеќе од кога и да е. Растроителот се вика Вештачка интелигенција (ВИ). Што е иронично, бидејќи за повеќето луѓе, ВИ е чиста спротивност на силата на растројувањето: алгоритмите, индифирентната и неимоверна пресметливост се синоним за хиперред и за некои – и надеж за совршенство. Така, некои (Илон Маск) сметаат дека ВИ ќе го направи човековиот труд одвишен, а сите луѓе ќе уживаат во гарантиран личен доход и ќе работат само ако сакаат. Рајот на Црногорецот од вицовите!

Меѓутоа, реалноста е сосема спротивна: ВИ буквално го накотува богатството на супер-богатите, создава супер-супер-богати, создава дополнителен квалитативен и квантитативен притисок врз трудот: човекот сега треба да се натпреварува со машината, која е многу поотпорна, полесно заменлива и можеби најважно од сè, значително ги убрзува производствените и дисеминациските процеси во економијата, со што создава директен и индиректен притисок не само врз трудот, односно работникот, туку и врз односот помеѓу побарувачката и потрошувачката, достапноста и обртот на експлоатација на ресурсите, а со сето ова и врз целиот социо-екосистем.

И тука паѓаат во вода сите учени уверувања на разни професори, експерти, тинк-тенкови, „реномирани“ медиуми, дека ВИ не вршела таков притисок врз пазарот како што се тврди меѓу „простата раја“, но исто така и дека ВИ ќе ги решела егзистенцијалните проблеми… Од индустриските револуции во XIX век технологијата само го влошила, а не го подобрила животниот стандард, доколку истиот го сфатиме како распределба на вишокот на трудот. Навидум, ова лесно би можело да се побие од либералните статистичари и експерти, ќе ги чуеме бајките за зголемена социјална мобилност, за подобрена инфраструктура и здравство, за зголемена стапка на образование и намалена стапка на смртност, подобар пристап до домување итн…  Но, сите овие кои би аргументирале вака, изземаат два клучни параметри, неопходни за точна анализа: 1) Односот помеѓу интензитетот на технолошкиот прогрес, мерливиот напредок генериран од него во економски добра од една страна и нивната дистрибуција меѓу општата популација изразена во коефициент 2) Односот помеѓу технолошкиот прогрес и хумано-етичкиот прогрес, при што етиката не ја сфаќаме во некаква филозофско-спекулативна, метафизичка, туку во социјално-материјална смисла.

Доколку овие два параметри се набљудуваат во меѓусебен сооднос, станува јасно дека технологијата му е многу повеќе душман, отколку добротвор на човекот. Ова, впрочем, не важи само од XIX век, туку уште од почетокот на цивилизацијата, од појавата на првите технолошки пронајдоци кои довеле до појавата на земјоделието, на утврдениот начин на живот и со тоа на цивилизацијата: историјата на Сумер и Акад, најстарата цивилизација, е историја на социјални немири, радикална нееднаквост и корупција на трговско-социјалните (тогаш свештенски) елити (уште тогаш имало корпоративно осигурување од ризик!).

Денес ВИ само ја повторува социјалната бездна која произлегла од класното раслојување катализирано од првобитниот технолошки прогрес кој, пак, од своја страна значел востановување на цивилизацијата: најпосле имаме реални технолошки можности и ресурси да ја искорениме сиромаштијата, наместо тоа технологијата ги продлабочува класните разлики, генерирајќи социјална несигурност за сметка на корпоративната сигурност, заканувајќи се да збрише стотици милиони работни места за сметка на преплатени технократи, акционери и менаџери, за чии профити најпосле се збришуваат ресурсите на самата планета. Доколку го земеме предвид првиот параметар, напливот на економски добра произведени посредно и непосредно со ВИ создаде некои нови технократски милијардери и ги преполни џебовите на некои од старите, а нејзините придобивки придонесоа кон зголемување на социјалната нееднаквост, наспроти нејзино збришување, што би требало да е целта на технологијата (за што непоправливиот утопист Оскар Вајлд говори во својот извонреден есеј „За човековата душа во социјализмот“. Но не е. Во тој случај, слободно можеме да ја наречеме природата на технологијата не само тотална, туку и тоталитарна.

Кога, пак, сме веќе кај Оскар Вајлд, ВИ не само што го воведува човештвото во техноекономски тоталитаризам, туку фундаментално ги предизвикува величните „човек“ и „човештво“: доколку мнозина (меѓу кои и авторот на овие редови) беа до неодамна скептици дека „тоа чудо“ воопшто е интелигенција, нејзината растечка способност да ги имитира сите функции на човековата свест (разбирање и расудување, уметничка креација) кои го дефинираат човекот и неговата посебност нè принудуваат да ги преобмислиме нештата кои ни беа свети како човечки суштества: интелектот и уметноста. Рускиот футурист Велимир Хлебников верувал дека еден ден сите ќе бидат поети, но осилото на иронијата е неумоливо: денес, навистина, ако не сме веќе таму, тогаш близу сме до тоа секој да може да си нарача сонет или дури и трубадурска канцона, “customized”! Една од суштинските компоненти уметноста, вештината (од каде и доаѓа зборот уметност: умешност) станува неважна пред тоталниот дигитален анонимус кој во дел од секундата добива своја симфонија. Иронично, токму и поимот „технологија“ е сроден со поимот „уметност“, како што се сродни грчките „техне“ и поезис“.

Па, добро, сепак една суштинска компонента на уметноста ни остана – вдахновението, можеби некој оптимист ќе рече? Можеби; ВИ композиторот секако е вдахновен кога внесува каква симфонија сака, па дури има и некоја вештина во тоа да се изрази звукот или сликата со зборови, можеби само менуваме една парадигма на вештина со друга, ќе рече некој?

Повторно, можеби.

Но дури и да го одобриме и овој аргумент, една работа останува заборавена. А тоа е златната формула на Mаршал Мек Луан, дека медиумот е пораката. Како настанува сонетот? Како настанува симфонијата? Од самиот допир со моливот и хартијата – колку и да звучи банално тоа за мнозина денес – до менталниот процес кој се случува во мозокот кога се пишува едно уметничко дело, сето тоа е интегрален дел од создавањето уметност, кој, слично како и самата еволуција, е трансформативен и во постојано движење: уметноста не е ова или она дело, туку органското единство на уметничкото искуство и пракса во личноста на уметникот. Токму тие трансформации, тоа движење кое е една синхрона врска-континуум помеѓу медиумот (моливот, хартијата, па и тастатурата, ако сакате), сетилните, чувствените и емотивните сензации при процесот на создавање и искуствата кои се евоцирани, се одвиваат во самата творечка индивидуа. Сега, тој континуум е во најдобар случај разбиен: постои шизма, расцеп – една инстанца дава инструкции, друга ги отелотворува. Наједноставно кажано, процесот на отелотворување е надвор од „уметникот“, со што тој повеќе не е тоа.

Ова секако не е прашање само за обид да се спаси уметноста или наивна естетска спекулација  – многу повеќе од тоа! Ова е предупредување дека вештачката интелигенција ја заменува природната – доследно! Еволуцијата повторно нè опоменува, средството е суштината. Како последица на цивилизираниот начин на живот ги имаме (не)славните болести на цивилизацијата – искривен р’бет (и буквално и фигуративно…), ослабната мускулатура, депресија и раздразливост, кратковидост… Но, го имаме умот! Сега, на пат сме да го изгубиме, и тоа во тројна смисла: (1) како биолошки капацитет кој (досега) нè дефинираше како живи суштества (когнитивно-рефлексивните функции на мозокот) (2) како метафизички концепт, преку кој  се дефиниравме како луѓе („хуманизам“), а сега е доведен во прашање како таков, бидејќи на пат сме да го создадеме Големиот Синтетички Спекулатор и најпосле (3) како метафора за егзистенцијална сигурност и стабилност.

„Бог е мртов!“ – гласи славната изјава на Ниче, набиена со противречности, за која се искршени илјадници копја и напишани веројатно исто толку високопарни докторати… Според библиската приказна, со разликувањето меѓу доброто и злото, произлезени од плодот на познанието, човекот излезе од примордијалниот рај и влезе во цивилизација, во општество, засновано на вредносни системи  („добро“ и „зло“). Според оваа симболична приказна, цивилизацијата може да се гледа како повест на прогресивната смрт на бог и еманципација на човекот и човечкото. Но ВИ на радикален начин нè принудува да поставиме едно тешко преиспитувачко прашање: дали цивилизацијата всушност не е прогресивна смрт на човекот (можеби симболички олицетворена во идејата за смртта на бог), кој сега ќе биде заменет од сопствената творба – која, патем, веројатно не е самата ВИ, туку можеби некој иден сурогат човек-машина (трансчовек, трансхуманизам)?

Инфлацијата за која говориме во овој контекст е кога создателот е задушен од  презаситеноста со својата творба, која самиот ја произвел (во економијата тоа се парите) и завршува фатен во дијалектичката стапица: ја губи сопствената вредност токму од СРЕДСТВОТО кое го создал за да ја умножи истата. Така, библискиот бог ја изгуби својата вредност од човекот, кој, според теолошките учења, бил создаден за да го прослави бог – и со тоа да ја наголеми неговата вредност. По две илјади години, тој човек ја објави смртта на бог. Сега човекот ја создаде вештачката интелигенција за да ја умножи пред сè својата економска, но и естетско-интелектуална вредност. Меѓутоа, ВИ го презасити пазарот со информации, „содржини“ (музика, слики, видеа…), кои треба да ја наголемат вредноста на нивните креатори и консументи. Но наместо тоа, ни се заканува нивелација или порамнување, кое, иронично, не е она долго сонувано класно порамнување на социјалните утописти, туку бришење на разликите помеѓу уметникот и лаикот, генијот и медиокритетот – секој може да произведе свој микро-симулакрум, да симулира генијалност и експертиза, да ги стимулира нервните центри за задоволство инстантно, без долго и внимателно осмислениот процес на еволуцијата кој гарантира развој, учење и диференцијација. Најпосле, сеопшта еднаквост, ќе рече некој? Но што вели неумоливата острица на егзистенцијалната иронија?

Во еден таков свет кој поттикнува, охрабрува, дури и наложува хиперстимулација постои реалната опасност дразбите кои досега нè поттикнуваа на дејственост и усовршување да станат излишни и бездејствени бидејќи се веќе сатурирани и отапени: ниту еден зајак од шеширот на дигиталниот волшебник повеќе нема да може да нè исцели од индиферентноста, а човештвото, секогаш лакомо за дразби и отсекогаш брутално туркано кон стимулоконсумеризам од Капиталот ќе се престори во дете кое се загубило во брадата на волшебникот: уметноста и револуцијата, кои секогаш оделе рака под рака и кои го произвеле она малку општочовечко добро во цивилизацискиот процес ќе станат не само неавтентични (впрочем, веќе се наоѓаме во таа фаза!),  туку и невозможни, токму заради тоа што пазарот на умот ќе стане презаситен со уметност и (не)изживеани фантазми за револуции: дали ВИ нè води кон самоубиство на човекот (биолошко, ментално, социјално) и цивилизацијата?

            Филип Клетников

КОЛУМНИ

Димитар Љоровски Вамваковски

Црвени престилки и длабоки предрасуди: Ион Драгумис за Македонија и Македонците...

Александар Стојановски

Национализација на работ од катастрофа: зошто Србија ризикува премногу

Слободан Мартиновиќ

Кога лажните вести маршираат пред студентите

Љубомир Николовски

2027 – Нова ера во европската кошарка?

Ристо Цицонков

Годишниот самит за климатски промени без оптимизам

КПК не се откажува и нема да се откаже од комунизмот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ