Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Оснонвното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против С.А.(36), раководител во Центар за вработување при АВРМ, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување”, предвидено и казниво по член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информира МВР.
„Пријавената го сторила кривичното дело во својство на службено лице од позиција на раководител, при што во периодот од 01.01.2014 до 30.04.2017 година, злоупотребила и ненаменски искористила парични средства од благајната на Центарот за вработување при АВРМ, кои биле одобрени за службени потреби и репрезентација на Центарот, а таа, со намера за себе да прибави корист, злоупотребувајќи ја својата службена положба и пречекорувајќи ги границите на службените овластувања, вршела набавки на стоки и услуги за свои лични потреби, а не за потребите на службата“, пишува во соопштението на МВР.
Во соопштението се наведува дека во наведениот период С.А. за свои лични потреби и за своја сметка нанела штета на Буџетот во вкупен износ од 635.065 денари (10.325 ЕУР).






